Македонија
(Видео) Заев и Борисов на заедничко чествување на Свети Кирил во Рим
Премиерот Зоран Заев, во придружба на сопругата и на владината делегација денеска, во рамките на посетата на Република Италија и на Светата Столица (Ватикан) по повод Манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ учествуваше во заедничките активности за чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делегацијата на Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов.

Двете владини делегации предводени од премиерите Заев и Борисов учествуваа на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во Базиликата Сан Клементе во Рим.
Со црковната служба на македонската православна црква, молебен во чест на Свети Кирил, началствуваше митрополит европски Пимен, во сослужение со митрополит кумановски и осоговски Јосиф, и митрополит тетовски и гостиварски Јосиф. Митрополитот европски Пимен, после црковната служба одржа беседа за црковното дело на Свети Кирил и за неговиот брат Свети Методиј.

Потоа, двајцата претседатели на Влади, Зоран Заев и Бојко Борисов положија венци свежо цвеќе на спомен плочата во чест папата Адријан II, во Базиликата Санта Марија Маџоре и имаа заедничка изјава. ремиерот Заев во своето обраќање истакна дека со својот подвиг и мисија, Свети Кирил и неговиот брат Свети Методиј, ја задолжија тогашната сесловенска христијанска цивилизација, и дека нивната просветителска мисија има посебно место во историјата на македонската држава, како и посебно место во историското и духовното наследство и на другите народи на Балканот, како што е нивното достојно место во историјата на Република Бугарија.
„Со заедничките активности за одбележување Светите браќа Кирил и Методиј, ние го потврдуваме нашето искрено пријателство и заедно до целиот свет ја испраќаме хуманата порака на мисијата на Свети Кирил и Методиј, а тоа е порака за дијалог и меѓусебно разбирање“, нагласи Заев.

Тој додаде дека нивното дело тогаш имало наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога, и преку писмо разбирливо за словенските народи го организирале заедништвото во црквата, во Христа, како суштинска карактеристика на христијанската вера.
„Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничкитe допирни точки нè не делат, туку не поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години не учи и нè инспирира“, рече премиерот Заев во своето обраќање пред медиумите по повод чествувањата во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
„Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека Република Македонија го чува и го негува делото на Светите браќа, заедно со сите народи, заедно со народот на Република Бугарија, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ќе ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест во името на граѓаните на двете земји, како и во името на сите словенски народи кои негуваат почит кон Светите браќа Кирил и Методиј. Нека е вечен нивниот спомен и нека ни е за многу години големиот празник Свети Кирил и Методиј“, додаде тој.
Бугарскиот премиер во своето обраќање истакна дека со чествувањето на празникот пред плочите каде е осветена нашата азбука се сеќаваме и на тоа колку големи дипломати биле Свети Кирил и неговиот брат Методиј во тоа време, кога требало да го убедат папата Адријан II дека треба да се шири словенското писмо.
Премиерот Борисов рече дека заедничкото учество во активностите за оддавање на чест на Свети Кирил со владиците од македонската и бугарската православна црква ја потврдува заедничката определба за пријателство и добрососедство меѓу двете земји и дека споделувањето и меѓусебната почит кон историските настани и ликови, го градат патот на иднината меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Наместо овие празници да прават раздор меѓу двата народи, може да не зближуваат, заклучи Борисов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

