Македонија
Заев и Ципрас во Германија добија награда за мир
Претседателот на покраинскиот парламент на германската сојузна покраина Хесен, Борис Рајн, попладнево, на специјална церемонија, им ја додели Хесенската наградата за мир за 2020 на премиерот Зоран Заев и на поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас.
Поради пандемијата на Ковид-19, наградата за мир од Хесен на Фондацијата „Алберт Освалд“ оваа година се додели првпат во дигитална форма.
Премиерот Зоран Заев својот дел од наградата во висина од 25.000 евра го донира во Солидарниот фонд (Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19).
Од владината прес-служба нагласуваат дека меѓу лауреатите на оваа, како што велат, многу значајна награда, е и далај-лама.
„Со Хесенската награда за мир ние им оддаваме чест на две лица што водеа кампања за мир и меѓународно разбирање и кои успеаја да решат конфликт што влече корени длабоко во историјата“, рече претседателот на покраинскиот парламент, Борис Рајн.
„Како тогашен грчки премиер и премиер на Македонија двајцата постигнаа договор во повеќедеценискиот конфликт меѓу нивните земји Грција и Македонија за името Македонија. Постигнаа вистински дипломатски подвиг што никој досега не го сторил. Не постои само правото на најсилниот. Дури и во денешниот свет сè уште постои патот на почит и компромис, патот на мирот и стабилноста. И со тоа победниците не направија ништо помалку од тоа да го продолжат европскиот пат на одличен начин, без да мора да се откажат од националниот идентитет“, потенцира претседателот на покраинскиот парламент.
На доделувањето се обрати и продесорот Никол Дајтелхоф.
„Tие ја загрозија својата политичка кариера и мораа да преговараат за многубројни компромиси и отстапки во рамките на своите парламенти. Договорот е поврзан со надеж за добра соработка и партнерство меѓу Северна Македонија и Грција. Решавањето на споровите е пример за помирување на регионот и Европа како целина“, рече професорот Дајтелхоф.
Хесенската награда за мир се доделува од 1994 година, а ова е листата на нејзините досегашни добитници:
1994 Маријана Хајберг-Холст, Норвешка
1995 Џон Хјум, Северна Ирска
1996 Грегорио Роза Чавез, Салвадор
1997 Ханс Кошник, Германија
1998 Александар Лебед, Русија
1999 Џорџ Ј. Мичел, САД
2000 Марти Ахтисари, Финска
2001 Макс фон дер Стоел, Холандија
2003 Лахдар Брахими, Алжир
2004 Ханс Бликс, Шведска
2005 Неговата Светост 14-ти Далај Лама
2006 Даниел Баренбоим, Израел
2007 Кристијан Шварц-Шилинг, Германија
2008 Сем Нан, САД
2009 Деха Ибрахим Абди, Кенија
2010 Исмаил Хатиб, Палестина
2011 Садако Огата, Јапонија
2012 Елизабет Декри Варнер, Швајцарија
2013 д-р Мухамед Ашафа и д-р Џејмс Вује, Нигерија
2014 Рубем Сезар Фернандес, Бразил
2015 Ела Михајловна Полјакова, Русија
2016 Федерика Могерини, Италија
2017 Карла дел Понте, Швајцарија
2018 проф. Шебнем Корур Финканчи, Турција
2019 д-р Абиј Ахмед, Етиопија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

