Македонија
Заев: „Можеме“ е најголемата предизборна коалиција обединета за европските вредности
Се гордееме што коалицијата „Можеме“ е составена од претставници на сите етнички заедници: Македонци, Албанци, Роми, Срби, Турци, Власи, Бошњаци и Египќани, што поставува нов напредок, нов повисок стандард во политичкиот плурализам во нашата заедничка татковина.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по потпишувањето договор за заеднички настап на предвремените парламентарни избори на 12 април со лидерите од партиите од коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ.
„Ова е најголемата коалиција моментно, составена од разни партии, но сите обединети за она што е важно за граѓаните и иднината на државата: членството во НАТО и ЕУ, поголем економски раст, поголеми плати и пензии, грижа за сите, правна и праведна држава со здрава и чиста животна средина. Ова се теми кои се важни за сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или партиска припадност и затоа сите во коалицијата „Можеме“ сме насочени кон реализација на овие прашања“, рече Заев.
Тој нагласи дека прв нивен столб е економијата, каде што предвидуваат отворање 100.000 нови работни места, што ќе придонесе невработеноста од сегашните 16,6 проценти да се преполови и да падне под 8 проценти до крајот на новиот мандат во 2024 година.
„Докажавме дека платите во сите сектори може да растат постојано, но ќе покажеме дека може да растат и повеќе и побрзо. 300 евра минимална и 600 евра просечна плата до крајот на мандатот е нашата понуда пред граѓаните на овие избори. Покрај платите, ќе растат и пензиите, и тоа вкупно 21 отсто до 2024 година, а минималната пензија ќе порасне од сегашните 8.000 на 10.700 денари. Сето ова е остварливо и реално затоа што и досега покажавме дека платите и пензиите може да растат, а невработеноста да опаѓа“, рече Заев.
Претседателот на СДСМ оцени дека остварени се значајни резултати и на меѓународен план.
„Влеговме во НАТО – можеме и во ЕУ, тоа еден од столбовите на кои ја темелиме нашата понуда. Со членството во НАТО уште од оваа година имаме пристап до пазар вреден 4 милијарди евра годишно само по основ на НАТО, а со отворањето на преговорите со Унијата на располагање ќе ни бидат 2 милијарди евра, средства од европските фондови. Тоа се европски пари со кои ќе обезбедиме европски стандарди, тука во нашата татковина. Набргу почнуваме преговори со ЕУ, ја европеизираме Северна Македонија и го трансформираме општеството уште подобро. Се обврзуваме до крајот на мандатот, до 2024, да ги отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ и тоа ќе го сториме затоа што можеме и умееме“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.
Македонија
Мисајловски во Брисел: Македонија со НАТО-сојузниците за инвестициите и безбедносните приоритети
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денес ќе учествува на состанокот на ниво министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел, Кралство Белгија.
Мисајловски заедно со колегите-министри за одбрана на сојузничките земји, за време на днешениот останок ќе дискутираат на повеќе теми меѓу кои и инвестициите во одбраната согласно последните одлуки од Самитот во Хаг, исполнување на целите на способност, зацврстувањето на одбраната, придонесот во операциите предводени од НАТО како и за актуелните безбедносни предизвици.

