Македонија
Заев на конференцијата за потенцијалите на Западен Балкан
Премиерот Зоран Заев своите активности на самитот на Европската Унија за Западен Балкан што се одржува во Софија ги започна со обраќање на меѓународната конференција „Демократија што испорачува: Откочување на потенцијалите на Западен Балкан десет години подоцна“.
Премиерот Заев на конференцијата, на која беше поканет од страна на организаторите, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и тинк-тенк организациите Центарот за студии по демократија и Европскиот фонд за Балканот, во своето обраќање потсети дека граѓаните на Република Македонија срушија авторитарен режим со пенкало на избори и со решителна волја за враќање на демократијата.
„Успеавме да го направиме она што честопати се стремат да го направат многу земји во светот, но ретко успева“, нагласи премиерот Заев и додаде: „Создадовме систем на добро владеење кој се заснова на четири столба. Инклузивното управување е првиот столб. Ова значи дека сме цврсто решени да изградиме независни институции, владеење на правото, што е еднакво за сите, и да ги прошириме инклузивните и достапни јавни услуги. Концептот едно општество за сите е нашиот втор столб. Тоа е концепт заснован на основите на општество на граѓаните за премостување на етничките поделби за да ја елиминираме етничката и националистичката поларизација“, нагласи Заев.
Премиерот Заев потоа се задржа и на елаборацијата на третиот столб на новоутврдениот систем за обнова за добро управување – рамномерниот раст. „Воведовме политички мерки за искоренување на сиромаштијата и за зголемување на животниот стандард. Во првите шест месеци од Владата ја зголемивме минималната плата, ги направивме подостапни јавните услуги, воведовме повеќе програми за самовработување, зголемена поддршка и стимулации за малите и средните претпријатија и обезбедивме еднакви можности за домашните и странските инвеститори. Денес, Владата во Република Македонија поддржува до 50 отсто од секоја нова инвестиција во земјата“, потенцира Заев.

Тој се осврна и на добрососедските односи, односно на поврзувањето во регионот, што воедно е главна тема на самитот во организација на Владата на Република Бугарија како претседавач на ЕУ во тековниот мандат. „Донесовме нов дух во односите со соседите. Отворивме дијалог за решавање на проблемите. Градиме мостови за соработка врз основа на заемна доверба и почит и постојано инсистираме да се оствари победа-победа за сите билатерални прашања“, истакна Заев и информира дека во тој дух се остваруваат разговорите со Грција во врска за проблемот за името и дека се во многу напредна фаза.
Тој го афирмира ставот дека нашата земја нема алтернатива за полноправното членство во ЕУ и НАТО и дека амбицијата на Република Македонија е покана за влез во НАТО и започнување преговори за пристап со ЕУ во 2018 година. „Со ново и силно лидерство во регионот и со поддршка на европските лидери да ја креираме иднината на Балканот. Сега е време да се препознае моментот земјите од Западен Балкан да учествуваат во градењето посилна ЕУ“, потенцира Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

