Македонија
Заев на Самитот во Словенија ќе оствари заедничка средба со Макрон, Меркел и Радев
Претседателот на Владата, Зоран Заев утре, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, и со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заминува за Република Словенија за да учествува на Самитот на ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи во Брдо – Крањ.
На Самитот, којшто се одржува за време на словенечкото претседавање со ЕУ и кој ќе ги собере шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ, лидерите на државите на Западен Балкан, како и лидерите на Европскиот совет и на Европската комисија, ќе се разговара за политиките на ЕУ за Западен Балкан во претстојниот период, вклучително и темата за проширувањето.
На овие теми премиерот Заев ќе учествува во две панел-дискусии.
Во рамките на својата агенда на Самитот во Брдо – Крањ, претседателот на Владата, Зоран Заев, ќе има заедничка работна средба со претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, со канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел, и со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
Премиерот Заев ќе има заедничка средба и со премиерот на Словенија, Јанез Јанша, со претседателот на Бугарија, Румен Радев, и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, како и посебна билатерална средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
На маргините на Самитот премиерот Заев ќе има билатерални средби и со премиерката на Естонија, Каја Калас, и премиерот на Ирска, Мајкл Мартин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило делницата од автопат А1 Велес – Градско е затворена
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило, во 01:20 часот делницата од Автопат А1 Велес – Градско е затворена и возилата се пренасочуваат по експресниот пат Градсско – Дреново до локализирање и ликвидирање на пожарот, извести АМСМ.
Сообраќајот на магистралниот пат Прилеп – Градско се одвива наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја делови од Петровец, Чаир и Гази Баба
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од селата Градманци, Летевци, Катланово и Брезница, општина Петровец;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Ордан Чопела, улицата Петре Георгиев и улицата Челопек, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Вера Вучковска Жезељ во населба Хиподром, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека исто така денеска поради уличен дефект на улицата Девол бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улицата Девол, општина Карпош.

