Македонија
Заев на средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск
Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја почна работната посета на Брисел со средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
„На средбата поздравени се инклузивните политики на премиерот Заев и заложбите на Владата низ обединувачки политички процес да се донесат уставните измени со цел реализација на договорот од Преспа, како и потребните реформи од планот 18. Констатирано е дека ваквиот политички пристап, определбата за решавање на крупните политички прашања со соседите и носењето на реформите во клучните области: правосудството, безбедносните служби, јавната администрација, медиумите, борбата против корупцијата, ја поставија Македонија на вистинскиот пат во европските интеграции“, соопштија од Владата.
Пораката, велат од Владата, е дека ако Македонија продолжи со ова темпо, ако се реализира договорот од Преспа и ако има имплементација на клучните реформски приоритети, може да надомести дел од изгубеното време во интеграцискиот процес и со право да се надева на почеток на преговорите во јуни 2019 година.
„Напорно работиме за целосно исполнување на договорот од Преспа и очекуваме еднакво залагање кај нашите грчки партнери за што не се сомневаме. Го отворивме процесот на помирување што треба да ги залечи раните од долготрајната политичка криза. Очекуваме, со двотретинска поддршка во парламентот, до крајот на јануари 2019 година да имаме усвоени уставни амандмани, што ќе го заокружат процесот кај нас и ќе овозможат Грција да го почне процесот на ратификација на договорот од Преспа и на усвојување на протоколот за пристапување кон НАТО. Процесот на зачленување во НАТО е наш фокус во 2019 година. Исто така, напорно работиме на клучните реформски приоритети што излегоа како порака од Европскиот совет во јуни 2018 како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година. Знаеме дека имплементацијата е важна во процесот и правиме сè да ја осигуриме посебно во делот на владеењето на правото“, рече премиерот Заев.
Заев работната посета на Брисел ја продолжува со работен ручек на лидерите на државите од Западен Балкан, со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

