Македонија
Заев на трилатералeн состанок со Вучиќ и Рама: Да ги воведеме европските принципи на соработка
„Отворени сме за оваа и за сите други иницијативи кои одат во насока да ги зајакнат постоечките форми што ја промовираат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан“, истакна премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција по повод трилатералниот состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама што денеска се одржа во Нови Сад, Република Србија.
„Пред нас се можностите да ги искористиме нашите заеднички потенцијали за зголемување на трговијата, протокот на производи, мобилноста на луѓе, услуги и капитал. Тоа се четирите слободи на ЕУ. Во нашиот регион мораме да ги воведеме европските принципи на соработка и функционирање. Мораме да ја донесеме Европа на Балканот во секоја од нашите земји. Тоа е составен дел од нашата домашна задача за интеграција во ЕУ. Мора да се зајакнат процесите за реализација на Регионалната економска област и да ги исполниме задачите кои сме ги поставиле за заемно признавање на дипломи, сертификати, намалување на трговските бариери, подобрување на инфраструктурата, воведување на полесни и поефикасни царински процедури“, рече Заев.
Премиерот во својата изјава за медиумите потенцираше дека сите граѓани на регионот гледаат на Балканот на 21 век како на регион на мир, стабилност и економски развој, комплетно ориентиран и посветен на забрзување на интеграцијата во ЕУ.
„Иницијативата за зајакнување на регионалната соработка што ја поттикна претседателот Вучиќ ја гледаме во контекст на другите регионални иницијативи под капа на Советот за регионална соработка меѓу земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Силната и суштинска регионална соработка е важен чекор за нашата интеграција во ЕУ. Секогаш е добро и секогаш треба да покажуваме дека заедно можеме и сакаме повеќе. Има многу неискористен потенцијал во зголемувањето на регионалната соработка. Ќе добиеме повеќе почит и поддршка од ЕУ, ако самостојно покажеме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката“, нагласи Заев.
Тој потсети дека меѓу Северна Македонија и Србија е воведено интегрирано гранично управување и дека многу скоро истото тоа ќе се спроведе и на најфреквентниот граничен премин со Албанија.
„Оваа иницијатива е отворена за приклучување на другите земји од Западен Балкан, како и останатите чинители кои ја помагаат регионалната соработка. Сега даваме силна политичка поддршка, а во иднина ќе имаме и други работни средби и состаноци за реализација на нашите заложби“, истакна премиерот Заев.
Во 2020 Република Северна Македонија за првпат како земја кандидат за членство во ЕУ, заедно со Република Бугарија ќе ко-претседава со Берлинскиот процес, рече премиерот Заев и додаде дека тоа е добра шанса да му дадеме нов, силен импулс на зајакнувањето на регионалната соработка.
„Истовремено, тоа е добра шанса да обезбедиме комплементарност и реализација на сите иницијативи, вклучително и оваа, бидејќи сите тие ја трасираат брзата патека што води кон Брисел“, нагласи тој во завршницата на заедничката прес-конференција.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Република Албанија, Еди Рама, во своите изјави на прес-конференцијата ги издвоија поентите од декларацијата што денеска ја објавија тројцата лидери во Нови Сад во која е истакната заложбата за реализација на четири слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, капитал и услуги – во Западен Балкан.
Како прв чекор на кој ќе се работи во претстојниот период ќе биде отстранување на сите бариери за слободно движење што е можно поскоро, за што ќе биде формирана работна група која ќе почне веднаш. Во декларацијата се поканети и останатите лидери во Западен Балкан да им се придружат на првиот нареден состанок на 10 ноември во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

