Македонија
Заев на Форумот Кран Монтана во Брисел
Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска учествуваше на Форумот Кран Монтана во Брисел, на кој учествуваат претседатели и шефови на влади, како и други истакнати личности од политичкиот и општествениот живот на Европа. Тој имаше обраќање на сесијата посветена на темата „Југоисточна Европа и нејзиното пристапување кон Европската Унија“, во кое на почетокот ги запозна учесниците на форумот со искуствата од потпишувањето на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу Република Македонија и Република Грција.
Заев информираше дека компромисот со Република Грција, реализиран во духот на најдобрите искуства од европското минато, во духот на дијалогот како европски начин, преточен во решение, ќе биде ставен на конечна одлука, повторно во духот на европските демократски манири кога станува збор големи национални одлуки – на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат идното име на нашата земја да биде – Република Северна Македонија, со потврден и меѓународно признат и зајакнат македонски идентитет.
Како резултат на овој договор, истакна премиерот Заев, дојде и одлуката на ЕУ, на Република Македонија да и одреди датум за старт на преговорите и за отпочнување на последната фаза од пристапувањето во полноправно членство на нашата земја во унијата.
„Нашата земја го заслужи тоа. Оваа одлука е непосреден повод за датумот за преговори за Република Македонија, но причините за неа се и препораките на Европската Комисија кој во април му достави на Европскиот Совет кристално чиста и безусловна препорака, дека нашата земја ги исполнува условите и треба да добие датум за отворање на поглавјата за пристапување. Само пред 24 месеци, Европската Комисија ја опиша Република Македонија како заробена држава. Термин за држави киднапирани од корупција и од авторитарни режими. Само една година подоцна, Европската Комисија нотираше позитивни промени, динамичен процес на реформи, инклузивност и општествен дијалог, политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина. Разликата со претходниот извештајот е – драстична. Денес, Република Македонија е слободно општество со видлива политичка волја за реформи кои што недостасуваа во минатото“, рече премиерот.
Заев пред присутните на форумот истакна дека Република Македонија ќе направи сè за да продолжи по патот на реформи и на исполнување на нејзините стратешки аспирации – членство во ЕУ и НАТО, и дека следното проширување на ЕУ, во кое ќе биде вклучена и Република Македонија, е – во суштина – консолидацијата на Европската Унија.
„Консолидацијата на ЕУ ќе биде потполна кога таа ќе ги прифати во своето семејство земјите од Западен Балкан што ќе ги исполнат условите – се разбира. Нам сите ние е познато дека поттикот што Европската Унија им го дава на земјите што преговараат во таа последна фаза од процесот за членство – е суштествен, исклучително фокусиран мотивирачки и охрабрувачки за земјите кандидатки за членство. Пред нас имаме конкретна цел. Никогаш не сме биле поблиску до членство во ЕУ“, нагласи премиерот Заев.
Во завршницата на своето обраќање на Форумот Кран Монтана, тој истакна дека датумот за преговори е голем поттик и мотивација за сите граѓани и дека пред земјата, како никогаш досега, стои можност да затвори стратешкото поглавје од својата современа историја – полноправно членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

