Македонија
Заев не ги прифати оставките на Филипче и Хасани
Премиерот Зоран Заев попладенво одржа прес-конференција на платото пред Владата откога претходно беше објавен извештајот од извршеното вештачење за пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово.
Премиерот не ги прифати оставките од министрите Венко Филипче и Илир Хасани велејќи дека тие спасиле илјадници животи со својот досегашен ангажман по што посочи дека затоа им ја дава довербата.
„Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Филипче и заменик-министерот за здравство, Хасани. За евентуалните грешки, ќе се произнесат надлежните органи“, нагласи Заев.
Премиерот истакна дека во наредниот период најважно е да се засилат контролите за да не се случат вакви несреќи во иднина.
Ваквата одлука доаѓа откако Јавното обвинителство на Република Македонија денеска соопшти дека причината за пожарот бил прегреан кабел на дефибрилатор.
Во пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово, кој се случи на 8 септември, загинаа 14 лица. Во деновите по несреќата, минисерот Филипче објави дека од морални причини понудил пишана оставка до премиерот.
Кон неговата постапка се приклучи и заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, а оставки поднесоа и директорот на Клиничката болница во Тетово, Фљорим Бесими, и економскиот директор на болницата, Артан Етеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.
Македонија
Искусните лекари ќе можат да работат до 70 години и да земаат пензија каде што има дефицит, предност за вработување ќе имаат најдобрите дипломци – подготвени законските измени
Министерството за здравство подготви повеќе значајни измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита, кои неделава се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Сите засегнати страни имаат можност да достават свои сугестии и предлози, кои ќе бидат разгледани согласно утврдената процедура.
Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека процесот се води од принципите на транспарентност и отчетност.
„Се водиме од принципите на транспарентност и отчетност и сите конструктивни забелешки, мислења и сугестии ќе бидат земени во предвид во финалната верзија на новиот предлог закон за здравствена заштита. Од досегашната примена на законот произлезе потреба да се направат измени и дополнувања во делот на постапката за вработување здравствени работници и соработници во ЈЗУ, статусот на директорите на јавните здравствени установи, специјализациите и супспецијализациите, како и условите за пензионирање на здравствените работници и работа по пензионирањето, како и усогласување со други прописи“, појаснува Алиу.
Меѓу позначајните измени е воведување приоритетно вработување на најдобрите дипломирани доктори на медицина од медицинските факултети во државата. Доколку тие се пријават на оглас за вработување, нема да се спроведува постапка за селекција, туку ќе бидат приоритетно вработени во јавната здравствена установа.
Воедно, во постапката за вработување е предвидено составот на комисијата за селекција на кандидатите да го предлага стручниот колегиум на установата, посебно за секое огласено работно место. Согласно резултатите од постапката, директорот е должен да го вработи најдобро рангираниот кандидат.
Измените опфаќаат и нов пристап во планирањето на специјалистичките и супспецијалистичките кадри. Владата, покрај програмите за државни и кофинансирани специјализации, во иднина ќе носи и програма со која ќе се утврдува бројот на приватни специјализации и супспецијализации, во согласност со потребите за медицински кадар.
Дополнително, се зголемува старосната граница за ангажирање искусни доктори од специјалности и супспецијалности каде недостига кадар. На овие лица ќе им се овозможи, со договор, да бидат ангажирани во здравствени установи во мрежата од 67 до 70 години и истовремено да ја задржат пензијата. Ангажирањето ќе се врши со согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, доколку нема други услови за обезбедување на одредена здравствена дејност или за непречено функционирање на услугите.
Македонија
(Видео) Кузеска: Парите што ги планираше за нов авион, Владата да ги пренамени за минимална плата од 600 евра
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска побара средствата што Владата ги планирала за набавка на нов авион да се пренаменат за зголемување на минималната плата на 600 евра за сите работници.
Кузеска изјави дека е време, како што рече, да се укине луксузот на власта и работниците да добијат достоинствени плати. Таа посочи дека нема повеќе оправдувања дека нема средства, наведувајќи дека имало пари за нов авион, мебел, уредување кабинети и службени возила.
Според неа, потребен е ребаланс на Буџетот со кој средствата би се пренамениле за плати. Таа оцени дека високите сметки и цените на храната ги довеле работничките семејства во тешка состојба.
Кузеска наведе дека над 200 илјади работници имаат плати под 30.000 денари, додека синдикалната минимална кошничка изнесува 66 илјади денари. Таа додаде дека минималната плата не ги покрива основните трошоци и дека трудот на работниците е потценет.

