Македонија
(Видео) Заев: Никој нема да биде дискриминиран, ниту запоставен
Премиерот Зоран Заев, заедно со амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, народниот правобранител, Иџет Мемети и пратениците Амди Бајрам и Самка Ибраимовски, учествуваше на завршната конференција „Без разлики“, што е дел од проектот „Спречување на дискриминација кон ромските деца“.
Целта на конференцијата беше да се одбележи завршувањето на проектот „Спречување на дискриминација кон ромските деца“, кој е имплементиран од Националниот ромски центар во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, а финансиран од Европската Унија, и да се презентира извештајот „Дискриминација на децата Роми, меѓународна и домашна регулатива, национални политики и институционална поставеност – анализа на случаи од терен“, заедно со документарни видео содржини продуцирани во рамки на овој проект.
,,Сè додека постои и еден регистриран случај на дискриминација, нашата земја и обврски да изградиме едно општество за сите – останува највисоко на нашата агенда, на агендата на Владата на Република Северна Македонија. Концептот „Едно општество за сите“ ќе биде само пуста желба доколку во заедницата што ја градиме остануваат места што дозволуваат или толерираат дискриминација. Никој нема да биде дискриминиран, ниту запоставен! Најмалку тоа смее да биде некое дете. Особено не децата од ранливите категории”, рече Заев.
Тој додаде дека ги следи сите активности во решавањето на т.н. ,,ромското прашање”, затоа што, среќно општество може да изградиме само ако сме сите среќни.
,,За нас, за оваа Влада, еднаквите права и достоинствен живот за сите, се искрена верба дека тоа е патот до успешна, заедничка држава и дом за сите, интегрирана држава во Европската Унија. И веќе ги направивме новите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапувањето до вработување, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието и така натаму.На сето тоа посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во рамките на централната власт и во соработка со општините и со граѓанските организации.
Ќе посочам некои поважни активности:Во рамките на проектот Инклузија на деца Роми во предучилишните установи во текот на учебната 2017-2018 година, запишани се вкупно 514 деца Роми, во 19 општини во Република Македонија, или 82% од предвидено како цел.
Од април, минатата година, Управата за водење на матични книги отвори процес сите лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени, да поднесат барање за дополнителен упис. Сакам да апелирам до службите за поголема флексибилност, треба да го забрзаме проектот заради тоа што e потребна платформа и база на многу права на граѓаните од ромската заедница, но и граѓани од другите етнички заедници. 12 ромски информативни центри, во 12 општини, работат активно на терен, на информирање, советување, упатување на граѓаните за остварување на нивните права и обврски во социјалната заштита, здравството, домувањето, вадењето лични документи.Секој ден од годината ни е важен. Сите услови за создавање заедница на еднакви можности и права се битни.
Социјалната реформа што започнавме да ја спроведуваме значи извлекување на околу 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштијата и еднакви шанси за секое дете.Со овие реформи пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати. Од оваа година детскиот додаток наместо досегашните 3.200 деца, ќе го користат 73.500 деца, а образовниот додаток наместо како до сега, само на 3.800 деца, им следува на преку 64 илјади деца. Овде се работи најмногу за децата од ранливите категории на граѓани или од посиромашни семејства.
Социјалната помош ја зголемуваме, и очекувам до крајот на овој месец законите да се донесат, за 300%, но овозможуваме и полесна активација на невработените на пазарот на трудот. За оваа година издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари за оперативниот план за вработување, заради отворање на што поголем број работни места, и покрај тоа дополнителни 2,2 милијарди денари повеќе од лани за детска заштита и социјална заштита.
Воведуваме европски стандарди на социјална заштита, зашто Европа значи солидарност и социјална правда. Наша обврска е да ги следиме тие принципи.Европската социјална повелба ги гарантира социјалните и економските човекови права. Унијата вложува во унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани, за да се спречи маргинализацијата од секаков вид.Силно верувам дека на темелите на овие принципи, можеме да изградиме поубаво, праведно и слободно општество, кое, за жал, долги години наназад државните институции избегнуваа да го прифатат како реална неопходност на нашето општество”, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

