Македонија
Заев: Одлуката за референдумот треба да биде заедничка
Државата треба да донесе заедничка одлука за референдум. Сите имаат право на дебата, државата треба заеднички да донесе одлука и обидите треба да ги правиме заедно усогласувајќи се со коалициските партнери во однос на едно вакво исклучително важно прашање како референдумското, изјави денеска прмиерот Зоран Заев. Според него, власта, опозицијата и коалициските партнери да бидат усогласени во тој процес.
Заев вели дека во процесот на утврдување на референдумското прашање ќе биде дефинирано и тоа дали референдумот ќе биде обврзувачки или консултативен.
„Она за што се согласувам со опозицијата е дека референдумот треба да биде задолжителен, а заедно треба да утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки од причини што сите овие пораки што во последно време се испраќаат оставаат впечаток дека некој сака да ја блокира Македонија. Зборувам за задолжителен референдум ако сите 50 отсто плус еден граѓанин излезат и го поддржат референдумот, апсолутна должност на секој граѓанин е да ја почитува одлуката и буквално да се поклони, освен ако не е негативна. Јас не верувам дека тоа е возможно денес“, рече Заев.
Одговорајќи на новинарско прашање по означувањето на почетокот на изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, премиерот потенцира дека ова се историски чекори и решенија.
„Убеден сум дека Македонија ќе смогне сили и мудрост и за решенијата, но мудрост и сила да застанеме заедно за вакви важни прашања, кои навистина отвораат блескава перспектива за генерациите денес и генерациите што доаѓаат по нас“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање

