Македонија
Заев: Отфрлам било каква поврзаност со Бојан Јовановски за случајот „Рекет“
Премиерот, Зоран Заев преку својот профил на „Фејсбук“ се огласи за случајот „Рекет“, коментирајќи дека отфрла било каква поврзаност со овој случај и повика на темелна и независна истрага, која мора да заврши што е можно поскоро и да ги покаже сите детали.
„Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот “Рекет” и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај“, вели Заев.
Тој додава дека со Бојан Јовановски единствено има разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, по што немале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална.
„Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста“, нагласува премиерот.
Заев повикувајќи на независна истрага додаде дека одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сѐ да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви.
„Ги повикувам сите истражни органи во целост, ама во целост да го истражат случајот и да носат одлуки. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи. Северна Македонија е подготвена за правда, колку и тоа да е тешко и трауматично. Правдата доаѓа. Секој ќе си одговара за сопствените постапки и тоа во фер, транспарентна и законита процедура.
Во изминативе повеќе од две години како премиер, сѐ што правам е само и единствено во корист и интерес на граѓаните на земјава. Бидете уверени дека на непријателите на нашата земја нема да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ“, додава Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силна поддршка за американските мировни напори за Украина и Европа – Мисајловски со порака во седиштето на НАТО
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на сојузничките земји.
Мисајловски во денешното обраќање се осврна на целите, приоритетите и активностите кои се превземени од страна на Владата, Министерството за одбрана и Армијата во согласност со договореното од последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на Алијансата кое денес е повеќе од потребно во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање.
„Дури и во време на глобални геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што нѐ поттикна толку енергично да се стремиме кон членство во НАТО со децении – потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како Алијанса можеме да го издржиме секој предизвик што ќе ни се најде на патот“, рече министерот.
Додаде дека нашата држава продолжува да го зголемува буџетот за одбрана, а со тоа останува и максимално посветена на осовременување на македонската Армија.
„За модернизација годинава се одвоени над 32,5 проценти од македонскиот одбранбен буџет што е далеку над она што е предвидено да биде согласно НАТО целите, односно одвојување на 20 % од одбранбениот буџет за модернизација“, рече Мисајловски. Веќе потпишаните договори со повеќе сојузнички држави успешно се заокружуваат, но имаме и тековни договори, кои посочи министерот дека придонесуваат за модернизирање и опремување на Армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана.
Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човековите капацитети, а доказ за тоа е фактот дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за НАТО оценувањето кое претстои во април оваа година.
Министерот додаде дека активно ќе продолжиме да партиципираме во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ како во рамки на источното крило на Алијансата, така и во рамки на KFOR и ALTHEA, сѐ со една цел, мир, стабилност, безбедност и просперитет за државите и граѓаните.
За време на состанокот министерот Мисајловски даде силна поддршка на мировните напорите на САД за воспоставување на мир во Украина и на Европскиот континент.
По завршувањето на состанокот министерот Мисајловски замина за Минхен каде ќе биде дел од македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на претстојната безбедносна конференција која ќе се одржи од 13 – 15 февруари 2026 година.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за Стојаноска, остро против Трендафилов: „Тој паничи оти е фатен жив во злоупотреба“
Пратеничката Лидија Петкоска, во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската Комисија за еднакви можности и од Унијата на жени на партијата, остро реагираше на постапките на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во контекст на нападите кон пратеничката Дафина Стојаноска.
„Она што го видовме од страна на Трендафилов е директен атак, обид за замолчување и брутален притисок врз жена во политика,“ изјави Петкоска. Таа оцени дека нападот врз Стојаноска е класичен пример на мизогинија, во кој функционер се обидува да дискредитира жена само затоа што таа, како што рече, ја обелоденила вистината за злоупотребите во ССМ.
„Слободан Трендафилов е во тотална паника затоа што е фатен жив во злоупотреба на својата положба. Наместо да се соочи со одговорноста за тоа како и за што ги троши парите на работниците, тој избра да се крие зад емотивни манипулации и евтини политички драми“, рече.
Според Петкоска, Трендафилов се обидува да го пренасочи фокусот од прашањето за користењето на службеното возило за приватни цели, манипулирајќи со темата за семејството и децата. Таа истакна дека снимките се направени со заштита на идентитетот на малолетни лица и дека целта не била напад кон семејството, туку разобличување на „расипништвото“ и „двојните аршини“ на функционерот.
„Трендафилов е целосно нелегитимен претседател. Подгответе си ја оставката веднаш – Македонија веќе нема трпение за вакви ликови кои возат службени автомобили, а народот го лажат и повикуваат да оди пеш“, порача таа.
Петкоска повика и на итна истрага од Јавното обвинителство по допрен глас, со конкретни прашања: Колку пати службеното возило било користено за приватни цели? Колку гориво платено од членарини е потрошено за лични потреби? За што сѐ е злоупотребена функцијата?
ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека стои зад пратеничката Стојаноска и бара институционална и јавна поддршка, а воедно изрази жалење што, според партијата, од Клубот на пратенички поддршка не била добиена – особено од неговата претседателка, пратеничката Јована Тренчевска.
Македонија
Николоски на средба со новата амбасадорка на САД: Постојат реални можности за интензивирање на соработката
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со Никол Варнс, вршител на должноста амбасадор на САД во земјава.
На средбата се разговараше за реализацијата на капиталните проекти со посебен фокус на изградба на автопатите Битола – Прилеп, Кичево -Гостивар (Стража) и Тетово -Гостивар.
САД се долгогодишен стратешки партнер и силен подржувач на Македонија во реформските процеси во државата, јакнење на институционалните капацитети, владеење на правото и борбата против корупцијата, беше истакнато на средбата.
„Стратешкото партнерство меѓу двете земји е гарант за обезбедување на стабилност во земјата и регионот, особено во услови на силни економски и геополитички потреси во различни делови во светот“, соопштија од Министерството.
Економските односи уште еднаш беа во фокус на разговорите каде беа потенцирани добрите трговски врски меѓу двете земји кои, како што се наведува во соопштението, бележат континуиран раст и се од огромно значење за деловната клима и инвеститорите.
Вицепремиерот Николоски ја нагласил силната заложба на Владата за економски развој преку реализација на крупните капитални проекти, со посебен акцент на регионалното поврзување и интеграција. Истакнал дека предвидените проекти на главните транспортни коридри ќе придонесат за зарбрзан економски и инфраструктурен развој во државата и регионот.
На средбата била нагласена и поддршката на САД во делот на размена на искуства и знаења во различни дејности.
„Двајцата говорници потеницираа дека постојат реални можности за интензивирање на економската и трговска соработката и во насока на добрите пријателски односи меѓу двете земји, истакнаа заедничка подготвеност за унапредување на соработката во области од заемен интерес“, соопшти Министерството.

