Македонија
Заев пред Груевски ќе ги образложува уставните измени
Сè уште не се знае дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на дебата за уставните амандмани што ги предложи Владата, а кои треба да се разгледуваат на Комисија за уставни прашања.
Но, доколку денеска се отвори дебата по четирите амандмани, може да се очекува жестока дебата на Комисијата за уставни прашања во наредните максимум определни десет дена.
Актуелниот и поранишниот претседател, Талат Џафери и Трајко Вељаноски, ќе ги вкрстат копјата со свои аргументи. И двајцата имаат долгогодишно парламентарно искуство и вештини. Магистерот по одбрана ќе му се спротивстави на правникот Вељаноски. Заменик на Џафери е Џеват Адеми, заменик на Вељаноски е Амди Бајрам.
Амандманите како предлагач ќе ги образложи и брани премиерот Зоран Заев, но доколку дојде, ќе го слуша поранешниот премиер Никола Груевски, кој е член на Комисијата.
Инаку, Комисијата има претседател, шеснаесет члена и нивни заменици.
Членови, освен претседателот и заменикот, се: Бетијан Китев, Енес Ибрахим, Соња Мираковска, Самка Ибраимовски, Лилјана Поповска, Сурија Рашиди, Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Димитар Стевананџија, Нада Ципушева, Дафина Стојаноска, Иван Стоиљковиќ, Стојан Миланов и Фадиљ Зендели.
Премиерот Зоран Заев вчера ги повика пратениците да ги поддржат измените доколку вистински се залагаат за влез во НАТО и ЕУ. Тој рече дека за време на дебатите во парламентот ќе се види дали е обезбедена двотретинска поддршка и дали мнозинството има обезбедено 80 пратенички гласа за да се менува Уставот.
За понеделник е закажана и десетдневна парламентарна дебата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

