Македонија
Црвениот крст и Владата договорија помош за граѓани при елементарни катастрофи и кризни состојби
Премиерот Зоран Заев денеска го посети Црвениот крст, а за време на средбата со генералниот секретар на оваа хуманитарна организација, Саит Саити, беше претставена Програма за соработка помеѓу Црвен крст и Владата за обезбедување стокови резерви за делување при итни состојби.
Стоковите резерви ќе се обезбедуваат со посебни средства од Владата, кои ќе се користат за обезбедување одредена количина хуманитарна помош, која во секое време ќе биде достапна за граѓаните погодени во случаи на елементарни катастрофи и кризни состојби.
„Денес Црвениот крст на Северна Македонија, со целото свое искуство, организираност и волонтерската база низ целата држава, со преку 500 волонтери и мобилни тимови учествува во справувањето со заканите од Ковид-19 уште од почетокот на пандемијата.
Во оваа наша борба за совладување на здравствената криза со пандемијата, тие се во првите редови заедно со лекарите и целиот медицински и друг помошен персонал во болниците, припадниците на МВР, нашите граѓани во униформа и цивилниот персонал на Армијата“, истакна премиерот Заев и посочи дека волонтерите на Црвениот крст беа во првите редови, веднаш до спасувачите од Дирекцијата за заштита и спасување, до пожарникарите, полицајците и војниците за време на големите пожари во нашата земја во текот на месец август.
Заев нагласи дека посветеноста на овие волонтери не е само за време на катастрофите и дека тие се постојано на терен и им помагаат на бездомниците, социјално загрозените семејства, како и на граѓаните на кои им е потребна помош.
„Поради сите овие причини и поради улогата на Црвениот крст во нашето секојдневие, денеска објавуваме дека соработката на Владата со Црвениот крст ја креваме на следно ниво. Владата на Република Северна Македонија го прифати предлогот на оваа хуманитарна организација за воспоставување долгорочно одржливо партнерство со Владата на Република Северна Македонија за да се мобилизираат севкупните капацитети во државата преку континуирано обезбедување стокови резерви на хуманитарна помош која би била достапна за итно делување при вонредни состојби“, нагласи премиерот и дополни дека за таа цел е потпишана Програма за соработка помеѓу Црвен крст и Владата за обезбедување стокови резерви за делување при итни состојби.
Тој посочи дека со тоа ќе се обезбедат соодветни стокови резерви и логистичка поддршка за хуманитарна помош, обезбедени се инструменти за мобилизирање на финансиски средства, кои ќе се издвојуваат на годишна основа за дејствување во случај на итни состојби и катастрофи.
„Хуманитарната помош ќе биде наменета за помош на ранливо население погодено од катастрофа или итна состојба. Стоковите резерви ќе се обезбедуваат со посебни средства од Владата кои ќе се користат за обезбедување одредена количина хуманитарна помош која во секое време ќе биде достапна за граѓаните погодени во случаи на елементарни катастрофи и кризни состојби. Нивната благородна акција е инспирација и поттикнува нови волонтери подготвени постојано да пружат помош, утеха, добар збор понесени од универзалното чувство за солидарност, хуманост и емпатија“, истакна премиерот Заев.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саити, истакна дека организацијата спроведува различни активности и услуги за унапредување на социјалната и здравствената добросостојба на граѓаните, а за оваа цел постојано се мобилизираат волонтери и средства за справување со хуманитарни предизвици, кои произлегуваат како резултат на климатските промени и природните катастрофи, кои, за жал, се сè повеќе присутни на нашите простори, како што беа неодамнешните пожари во државата.
„Во таа насока сакам да ја истакнам и најновата заедничка иницијатива на Црвениот крст и на Владата за обезбедување комплементарен одржлив пристап за подготвеност за итно делување во случај на катастрофи. Сметаме дека оваа Програма ќе претставува добра основа за наш заеднички одговор на хуманитарните предизвици кои се случуваат во нашата земја и регионот како резултат на кризни состојби и катастрофи“, посочи Саити.
При посетата премиерот Заев се зачлени, стана волонтер и доби волонтерски елек на Црвениот крст. Воедно на средбата тој прими златен медал на Црвениот крст, кој се доделува за посебни заложби и соработка во остварувањето на мисијата на оваа хуманитарна организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.
Македонија
Домашниот притвор за Груби е невиден преседан, вели Максим Димитриевски
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски изјави дека одлуката лицe кое подолг период било во бегство да заврши во домашен притвор претставува невиден преседан и, како што рече, ја потврдува нефункционалноста на системот.
„Недозволиво е лице коешто подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и му се изрекува мерка притвор и истото од распитот завршува дома“, изјави Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот Груби.
Тој оцени дека сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани и додаде дека институциите треба целосно да ги разгледаат постапките.
„Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки, и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите да ги санкционира“, рече тој.
Димитриевски нагласи дека е легалист и посочи дека кога бил обвинет, редовно се појавувал на сите судски рочишта.
„Го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал беше отсутен од државата повеќе од четиринаесет месеци, се врати и заврши во домашен притвор, што е недозволиво за еден сериозен систем“, додаде градоначалникот.
Во изјавата тој се осврна и на европските интеграции, истакнувајќи дека ако сакаме во Европа и сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата.
Во однос на споредбите меѓу поранешниот функционер Сашо Мијалков и Артан Груби, Димитриевски рече дека Мијалков го коментирал во минатото и нема намера повторно да го прави тоа, но посочи дека и двајцата биле ставени во иста група.
„Денеска го гледаме и господинот Мијалков како слободен граѓанин, но дополнително и господинот Груби којшто дојде да се соочи со правдата, но за жал мене како граѓанин ваквото однесување или ваквата постапка во делот на ставање во куќен притвор не ме задоволува“, изјави Димитриевски, додавајќи дека за исправноста на одлуката треба да се обратат прашањата до надлежните судски власти, бидејќи тие ја водат постапката.

