Македонија
Заев: СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на локалните избори
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево преку социјалните мрежи потврди дека со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се договориле СДСМ и ДУИ заедно да настапат на претстојните локални избори.
„Заедничка ни е целта во предизборната коалиција да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција. Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба“, порача Заев на „Фејсбук“.
Тој посочи дека меѓусебна поддршка во некои општини партиите ќе си дадат уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржат во вториот круг.
„Согласни сме дека институциите имаат и обврска и капацитет да испорачаат целосно демократски, професионални и фер локални избори“, нагласи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

