Македонија
Заев: Се согласувам изборите да бидат на 8 јули само за да учествува и опозицијата
Датумот на избори не е прашање на личен избор или инает, овде станува збор за нашата држава и нашиот народ, за подобро справување на нашата држава со коронакризата, со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот, којашто трае и продолжува во периодот којшто стои пред нас, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев во одговор на новинарско прашање при посетата на Струмица.
Тој додаде дека изборите се потребни што поскоро за граѓаните да си ги вратат институциите.
„Ни требаат избори што поскоро не заради датум или партиско его, затоа ние нема да робуваме на датумите. За нас е многу важно да имаме навреме избори за да си ги вратиме институциите, за да институциите му служат на народот со полн капацитет. Но, институциите се за сите граѓани и за поддржувачите на власта и опозицијата и за оние кои никого не поддржуваат и затоа е многу важно учеството на опозицијата. Апелирам и повикувам на одговорност на рационалност и конструктивност, ова не е време како порано кога на претходната власт и одговараа избори без опозиција. Не, демократијата во која живееме бара активно учество на опозицијата, затоа јас нема да робувам на 5 јули како датум и да се држам фиксно до него, имајќи предвид дека и Мицкоски и јас повеќепати спомнувавме дека е поприфатливо изборите да се одржат во среда, како неработен ден. Еве отстапувам од 5 јули и се согласувам изборите да бидат на 8 јули, среда, каде во понеделник и вторник ќе гласаат болни и изнемоштени, нашите граѓани во самоизолација или позитивните коишто се во болниците или дома, а ќе се вклучат да гласаат и сите хронично болни, повозрасните луѓе и други. Само заедно да обезбедиме учество на изборите, да учестува опозицијата, а сепак тоа да е во разумен рок со цел есента да ја дочекаме со активно Собрание и со политичка влада со полн легитимитет“, порача Заев.
Тој го повика и Христијан Мицкоски да покаже одговорност и да го прифати предизвикот за изборно соочување со цел државата што побрзо да добие функционален парламент и влада со политички легитимитет и одговорност.
„Господине Мицкоски, почитувано раководство на ВМРО-ДПМНЕ, еве ја правиме последната отстапка, а ги правиме од крајот на декември досега. Прифатете го овој предизвик да излеземе заедно подобриот нека ја добие честа и одговорноста од нашиот народ и да ги вратиме институциите, да го вратиме парламентот и политичката влада ќе и требаат и на државата и на нашиот народ само така е одговорно и никако поинаку. Јас верувам дека денеска како што имаме отворена комуникација јас и господинот Мицкоски ќе смогнеме сили и еве овој последен апел ќе го прифатиме. Вонредната состојба завршува вечерва на полноќ, ако се прифати 8 јули, ќе го замолам претседателот на владата Спасовски и министрите да се соберат доцна во текот на денов, да свикаат владина седница да поднесат предлог за продолжување на вонредната состојба од 3 дена овој пат заради договор со опозицијата, немаме аргументи реално заради економски причини да бараме вонредна состојба, но три дена ќе дадат правно разрешување за токму на 8 јули да одиме заедно на избори“, заклучи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

