Македонија
Заев: Успесите во домашните реформи ни даваат кредибилитет да бидеме успешни и во пристапниот процес
Премиерот, Зоран Заев, денеска, во рамките на еднодневната посета во Прага, Република Чешка, учествуваше на „Самитот на премиерите на државите од Вишеградската Група и на премиерите на државите партнери од Западен Балкан“.
Во своето излагање, Заев изрази голема благодарност до домаќинот, премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, за организирање на Самитот во овој формат за прв пат и рече дека овој Самит означува вистинска заложба за поблиска и искрена соработка помеѓу државите на Вишеградската Група и државите на Западен Балкан.
„Земјите на Вишеградската Група отсекогаш биле силен и гласен поддржувач на државите на регионот на Западен Балкан во нивните процеси и заложби за интеграцијата во ЕУ, и подготвени да ги споделат своите искуства од евроинтеграциските процеси, но и да ја зголемат економската соработка со нашата земја и нашиот регион“ истакна премиерот Заев на Самитот.
Тој нагласи дека земјата направи значителен напредок и сега се наоѓа во клучен период за иднината на државата.
„Очекувам нашето членство во НАТО да стане ефективно наскоро, после десет позитивни препораки за Европската комисија, оптимистичките заклучоци на Советот (во 2018 и 2019 година) и резултатите што ги создадовме – сé повеќе сум убеден дека сме подготвени да го започнеме ова патување и да се соочиме со сите предизвици што ги носи процесот. Успесите што ги остваривме во домашните реформи и во затворањето на отворените билатерални прашања, ни даваат кредибилитет да тврдиме дека ќе бидеме успешни и во пристапниот процес“, рече Заев и додаде дека поблиската соработка со земјите-членки на ЕУ ќе придонесе за справувањето со предизвиците во политичката агенда на ЕУ, како што се климатските промени, енергетиката, животната средина, како и надворешните влијанија, безбедноста и миграцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.

