Македонија
Заев ќе учествува на втората јавна дискусија за нацрт-амандманите за уставни измени

Денеска со почеток во 12 часот, во свечениот амфитеатар 1 во Универзитетот ФОН, премиерот Зоран Заев ќе учествува и ќе се обрати на втората јавна дискусија за нацрт-амандманите за измени на Уставот на Република Македонија.
Покрај премиерот Заев, говорници ќе бидат и ректорот на Универзитетот ФОН, Нано Ружин и универзитетскиот професор, Темелко Ристовски, додека дискусијата ќе ја отвори и воведе деканката на правниот факултет, Сејдефа Џафче.
Во дискусијата ќе учествуваат претставници на академската јавност и студенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски : Љубљана ќе биде град-партнер за развојот на Скопје

Остваривме извонредна и пријателска средба со долгогодишниот градоначалник на Љубљана, господинот Зоран Јанковиќ, објави актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Средбата, додава тој, поминала во пријателска атмосфера, при што биле разменети значајни искуства и визии за идната соработка помеѓу Скопје и Љубљана.
„Добив драгоцени совети и поддршка од градоначалникот Јанковиќ, со јасна определба Љубљана да биде град-партнер и вистински пример за развојот и модернизацијата на Скопје.
Посебен акцент ставивме на најголемите предизвици со кои се соочува нашиот град – јавниот превоз и чистотата.
Градоначалникот Јанковиќ ни даде ветување дека експертски тимови од Љубљана ќе бидат континуирана поддршка за Скопје, но не само во овие сфери, туку и во секоја област во која ќе побараме помош.
Договоривме интензивна соработка и зајакнување на капацитетите на градот Скопје во насока на креирање, планирање и спроведување европски проекти.
Верувам дека преку ова партнерство ќе изградиме поефикасен и поевропски град Скопје, достоен за своите граѓани.
Со задоволство го потврдивме статусот на побратимени градови и во таа насока упатив срдечна покана до господинот Јанковиќ за негова официјална посета на Скопје, град кој сака да учи од најдобрите“, вели Ѓорѓиевски.
Македонија
Божиновска: Секој рудар мора да се врати дома безбеден и горд, инспекциите се засилени, а казните построги од кога било

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска по повод Денот на рударите присуствуваше на свечената манифестација во РЕК Битола, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и раководството на АД ЕСМ. Настанот беше можност да се оддаде почит кон рударите и да се нагласи нивното значење за економијата на државата.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека рударите се економски столб кои секојдневно се соочуваат со предизвици за да обезбедат стабилност и иднина за државата.
„Секојдневна битка со длабочината и темнината за ресурси кои ја движат економијата. Наша цел е секој рудар да се враќа дома безбеден и горд. Министерството стои цврсто зад секој рудар – со современа опрема, безбедни услови за работа и фер стандарди за сите,“ порача министерката.
Таа испрати и јасна порака кон компаниите што работат во секторот:
„За оние што вложуваат во безбедноста на рударите и заштитата на животната средина, поддршката е целосна. Но за оние што мислат дека можат да ја заобиколат законската регулатива – нема компромиси. Инспекциите се засилени, контролите се редовни, а казните построги од кога било. Законот важи за сите – без исклучок“, нагласи Божиновска.
Македонија
Шаќири: Албанците во Македонија се одлучувачки и државотворен фактор

Албанците во Северна Македонија се одлучувачки и државотворен фактор, и затоа оваа улога мора да се гарантира и почитува во секоја институција и на секое ниво на одлучување, велат од Алијанса за Албанците.
„Нашата политичка платформа се раководи од три основни принципи: Традиција, Одговорност и Развој. Овие принципи се столбовите врз кои го градиме нашиот визион за функционална, ефикасна и правична држава, каде Албанците и Македонците заедно ја градат подобрата иднина.
Убедени сме дека дојде време за нов политички договор меѓу Македонците и Албанците, кој ќе се темели врз реална еднаквост, заемна почит и стратешко партнерство. Само така може да се изгради стабилно општество и модерна, европска држава еднаква за сите“.
Алијанса за Албанците, како што нагласи Њомза Шаќири, портпарол на партијата, е политичка сила, позиционирана десно од центарот, која го брани албанскиот идентитет, јазикот и националните традиции, промовирајќи како што велат, истовремено индивидуална слобода, приватна сопственост, пазарна економија и одржлив развој.
„Наш приоритет е локалниот економски развој и зајакнување на општините преку реална децентрализација. Поддршката за младите, семејствата и локалните бизниси е во центарот на нашето политичко ангажирање, бидејќи само така се гарантира еднаков развој и долгорочна стабилност.
Ќе се залагаме за активна вклученост на граѓаните во одлучувањето и за тесна соработка со албанската дијаспора, која останува драгоцено национално и економско богатство“.
Според неа, Алијанса за Албанците, е решена да биде гласот на вистинската еднаквост и гарант на албанскиот национален интерес.
„Со нашата платформа и со нов договор меѓу Македонците и Албанците, ја отвораме патеката кон еднаква, функционална и европска држава“.