Македонија
Запленети компјутери, телефони и пари од домот на Стаменковски, сопственикот на порталот е задржан во станица
Компјутери, телефони, пари. Ова се само дел од работите што се запленети од домот на Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“. Неофицијално, извори од МВР посочуваат дека се најдени и полициски белешки, кои исто така ќе бидат одземени. Ваков е исходот од претресот кој траеше повеќе часови во домот на Стаменковски во скопско Влае. Меѓу другото, полицијата по наредба на обвинител одзела и мемориски уреди. За сето ова, Обвинителството најави детали во текот на утрешниот ден.
Стаменковски, против кого скопското Обвинителство добило повеќе пријави по кои постапува, ноќта ќе ја помине во полициска станица. Таму ќе биде задржан сè додека обвинителот не одлучи дали ќе бара од судот на Стаменковски да му бидат одредени мерки за обезбедување присуство. Постојат и информации што говорат дека додека траел претресот, Стаменковски побарал медицинска помош поради што била повикана брза помош.
Засега официјално од Обвинителството е само информацијата дека во тек е постапка против сопственикот на порталот. Со оглед дека постапката за обезбедување докази е во тек не соопштуваат повеќе детали.
Инаку, Стаменковски ѝ е познат на јавноста и по тоа што неколкупати беше претепан, но и по контроверзните објави на неговиот веб-портал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Простор за разговор“ во Охрид
Вечерва со почеток во 20 часот, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар организира настан „Простор за разговор“ во Младинскиот центар во Охрид, за зајакнување на родовата еднаквост.
Настанот е дел од проектот „Простор за разговор“ со кој преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс целта е да се зајакне чувството на припадност кон заедницата, да се искоренат стереотипите и да се зајакнат младите, маргинализираните и лицата во социјален ризик.
„Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои претставуваат уметничка рефлексија на темата и ќе бидат изведени од танчерите на Скопје танцовиот театар. По перформансот ќе има разговор на темата за родова еднаквост со публиката, со цел справување на проблемите на младите. Поканети се социолози, активисти и психолози, кои ќе говорат за тоа, каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост.
На 4. јуни (вторник) настанoт се одржува во Струга во Домот на културата во 12 часот, со што завршуваат низата перформанси што се одржаа изминатите 10 дена во шест градови низ државата.
Проектот „Простор за разговор“ е поддржан од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.
Македонија
Eвропскиот фронт предводен од ДУИ со декларација ќе се жали до меѓународната заедница
Европскиот фронт преводен од ДУИ денеска во Тетово усвои декларација која ја нарече политичка декларација за етничкиот легитимитет што произлегува од изборите.
Од тука најавија дека декларацијата ќе биде испратена до сите локални и меѓународни институции.
Во неа се наведува дека случувањата по изборите го доведуваат во прашање духот на Охридскиот договор. Велат дека непочитувањето на изборниот легитимитет овозможува воспоставување на етничка хегемонија и претставува понижување кон Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите.
ВМРО-ДПМНЕ која извои апсолутна победа на изборите во мај, ги исклучи ДУИ од преговорите за новиот владин состав. Наместо нив ВМРО-ДПМНЕ договори коалиција со „Влен“ во која учествуваат политичките партии од албанскиот опозициски блок во земјата. ДУИ која освои повеќе гласови од „Влен“, инсистира на влез во Владата и почитување на правилото „победник со победник“, а ВМРО-ДПМНЕ постојано ги потсетува дека ова правило самите го прекршија во 2016 година кога наместо со нив кои тогаш победија, одлучија да коалицираат со СДСМ и заедно составија Влада. ДУИ сега тврди дека волјата на албанските гласачи е погазена, а Охридскиот договор е прекршен.
„Ако одењето на ДУИ во опозиција е кршење на Рамковниот договор, тогаш и Али Ахмети го прекрши кога реши да ја изостави ВМРО-ДПМНЕ од владата и не го почитуваше резултатот на изборите 2016 година каде победи ВМРО-ДПМНЕ. Што само значи дека почитувањето на Охридскиот договор нема врска со фактот дали ДУИ е власт или опозиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата на Христијан Мицкоски пред неколку дена порача дека ако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, мисли дека нови и антидржавни етнички барања преточени во документи и платформи ќе го спасат од одење во опозиција и ќе ги сокријат криминалите на неговата партија, треба да знае само дека тоа забрзано ќе му ја заврши кариерата.
И новоизбраниот претседател на Собранието од Влен, Африм Гаши вели дека Охридскиот рамковен договор не е прекршен.
„На секој човек кој ги знае Рамковниот договор и Уставот, јасно му е дека тоа воопшто не е дел од Рамковниот договор“, вели Гаши.
„Можеби тој заборавил, тоа било „Мајскиот договор“ кој го потпишал со Никола Груевски и кој самиот го прекрши, но таквиот договор никогаш не беше дел од Уставот и не стана и не може да има таков договор во Уставот, затоа што се коси со секое демократско право. Владата се прави со 61 пратеници, со мнозинство, а од друга страна албанската коалиција, Влен доби 107.000 гласови со што потполно го носи легитимитетот на Албанците во ова Собрание“, рече Гаши во интервју за Радио Слободна Европа.
ДУИ во декларацијата до меѓународната заедница ја истакна и нивната целосна посветеност за целосно спроведување на Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство и затворање на сите отворени прашања со соседите, како предуслов за продолжување на европскиот пат.
(Обновено)
Македонија
Сиљановска Давкова ги врачи наградите за најуспешните на годинашното издание на „Охрид трчаТ“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска, во Охрид, ги врачи наградите за најдобро пласираните учесници на осмото издание на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
Милјана Ристиќ од Македонија во женска и Дарио Ивановски од Македонија во машка конкуренција, се првопласирани на главната трка на 21 километар, а Мирослав Спасов од Бугарија го освои првото место на трката на 5 километри.
Претседателката изрази задоволство од високиот потенцијал и посветеност на годинашните натпреварувачи, кои што несомнено ќе придонесат за нивните идни значајни маратонски подвизи. Особена благодарност упати и до организаторите на годинашниот Охрид трчаТ“, за успешно реализираниот атлетски викенд, со рекордни 2200 учесници од 31 земја.