Македонија
Почна изградбата на нова спортска сала во училиштето „Јероним де Рада“ во Черкез
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателите на Владата, Бујар Османи и Оливер Спасовски, и министрите Арбер Адеми и Садула Дураку, денеска присуствуваше на настан посветен на почнувањето со изградба на нова спортска сала во училиштето „Јероним де Рада“ во населеното место Черкез во општина Куманово.
Домаќин на настанот беше градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, и директорот на училиштето „Јероним де Рада“, Хакик Јахиу.
Пред присутните наставници, ученици и жители на Черкез се обратија премиерот Заев, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Заев во своето обраќање посочи дека овој настан покажува дека кога се работи за децата и обезбедување на нивната иднина сите заедно се обединети во оставрувањето на овие цели.
„Изградбата на овој капитален објект е од големо значење за Черкез бидејќи со тоа ќе се овозможат услови за спортување, физичка активност и здрави навики на овие 520 ученици кои посетуваат настава во нашето училиште. Ме радува фактот што учениците и наставниците повеќе нема да одржуваат часови по физичко образование во дворот на училиштето, дури и зимно време, туку, конечно, ќе добијат современа спортска сала од 650 м2 опремена со најмодерни реквизити и справи, каде што младите и децата ќе може да тренираат повеќе спортови, меѓу кои одбојка, кошарка, ракомет, гимнастика. Јас верувам дека во Черкез се крие некој нов млад спортски талент кој ја исчекува својата шанса да биде откриен“, нагласи Заев во своето обраќање.
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, порача дека се отвораат европските перспективи за Македонија, а со тоа на земјата ѝ се ставаат на располагање и повеќе средства од европските фондови за реконструкција и изградба на училиштата во Македонија. Тој потенцира дека оваа можност ќе обезбеди сигурна иднина за идните генерации бидејќи ќе се отвораат нови работни места и ќе се зголемува квалитетот на живеење за граѓаните.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, зборуваше подетаљно за текот на реализација на проектот за изградба на 145 спортски сали на повеќе локации и училишта во Македонија.
„Салата во училиштето ‘Јероним де Рада’ е дел од изградбата на 145 спортски сали. Ќе биде со површина од 650 м2 и ќе биде опремена со реквизити за речиси сите спортови – кошарка, одбојка, ракомет, гимнастика, атлетика. Секако дека плановите за реконструкција на училиштата и изградба на спортските сали продолжуваат и во иднина. Ова што денес го најавив за реконструкција на училиштата во учебната година 2018/2019, како и оваа спортска сала што набргу ќе биде во служба на спортските активности за учениците на „Јероним де Рада“ е само дел од плановите за регулирање и подобрување на образовниот систем во Македонија“, соопшти министерот Адеми.
Пред присутните се обрати и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, кој порача дека овој проект е дел од реализацијата на капитални инвестиции во општина Куманово и околните населени места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

