Македонија
Започна реконструкцијата на улицата ,,Антон Попов”

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски заедно со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го означија почетокот на реконструкцијата на улицата Антон Попов.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, информираше дека заради тоа што улицата Антон Попов, е една од најоштетените на територијата на општината во соработка со Градот Скопје беше донесена одлука оваа улица да биде меѓу првите која ќе се реконструира. Воедно, Темелковски најави дека во текот на оваа недела ќе започнат и активности за реконструкција на улицата Теферич.
Додека, во своето обраќање до јавноста, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изјави дека со градежните зафати на улицата ќе биде извршена реконструкција на потегот од крстосницата со улицата Павел Шатев, до Шампионче, во должина од 590 метри, со што улицата ќе добие комплетно нови коловозни ленти во ширина од 3,5 метри. Покрај ова, Шилегов додаде дека периодов Градот Скопје работи на реконструкција на повеќе улици и булевари во Скопје, меѓу кои Партизанска, Лондонска и Брадфордска, се со цел овозможување на поволни услови за одвивање на сообраќајот. Работните активности на улицата ќе се одвиваат во наредните 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата дека ги подметнува пожарите на депониите

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно ги обвини опозициската СДСМ и ДУИ за намерно подметнување на пожарите околу Скопје.
„Хипокризијата кај СДС е се поизразена – наутро сеат страв со повици граѓаните да седат дома, а навечер прават журки во Градски парк, во меѓувреме се занимаваат со специјалноста палење депонии, одговорност ќе има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека честите пожари во депониите не се случајни, туку се организирани од двете партии, и најавуваат одговорност за секој што, како што наведуваат, „игра со здравјето на граѓаните заради власт“.
ВМРО-ДПМНЕ и вчера кога избувна големиот пожар во Трубарево во фирма која се заминава со елекронски отпад и пластика го впери прстот во опозициските партии. Од друга страна, СДСМ за состојбата со пожарите на депониите ги обвини кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседател на СДСМ, Венко Филипче, вчера преку својот профил на Фејсбук упати јавна реакција за пожарот во Трубарево и за потенцијалната опасност по здравјето на граѓаните. Тој ги повика институциите итно да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево.
Македонија
Меџити доцна синоќа се огласи за Трубарево: Пожарот е под контрола, резултатите од мерењата се очекуваат

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, доцна синоќа се јави од Трубарево, каде што вчера избувна голем пожар во објект за рециклирање на батерии и електронски отпад, што предизвика ширење на штетни супстанци во воздухот.
„Денешниот пожар во објектот за рециклирање на батерии и електронски отпад разбирливо предизвика загриженост кај сите граѓани. Фирмата има 10-годишна дозвола добиена во 2021 година. Апелирам на смиреност и доверба во институциите. Веднаш реагиравме, нашите инспектори го мереа квалитетот на воздухот и ситуацијата е под контрола,“ изјави Меџити во изјавата испратена до медиумите околу 3 часот по полноќ.
Тој рече дека првите резултати од мерењата се очекуваат во секој момент, но податоците утрово не се објавени.
Министерот за животна средина пристигнал во Трубарево доцна навечер, а во текот на целото попладне присуствуваше на партиските активности. Тој не се појави ниту на вонредната владина прес-конференција за пожарот, на која присутни беа министри од сите засегнати ресори, а новинарите го бараа поради итноста на состојбата. Меџити неколкупати се вклучи во живо на социјалните мрежи од партиските активности на кои присуствуваше во пресрет на локалните избори, каде е кандидиран за градоначалник на Чаир.
Македонија
Меџити не се појави на прес-конференцијата за опасниот пожар во Трубарево

Министерот за животна средина, Изет Меџити, вечерва не беше присутен на вонредната прес-конференција во МВР за големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, каде покрај батерии гореше и пластика што предизвика сериозна загриженост за здравјето на населението. Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер деновиве воопшто не се обратил до јавноста.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека материјал од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека повеќепати разговарал со Меџити и со неговата заменичка, но ги упати новинарите да го прашаат директно вицепремиерот зошто не се појавува.
Присутните новинари потсетија дека попладнево Меџити бил на партиски настан, додека истовремено гореше складиште со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Дополнително, тој не се појави ниту во изминатите денови, кога во главниот град гореа повеќе депонии.
На денешната вонредна прес-конференција зборуваа министрите Панче Тошковски, Азир Алиу, Цветан Трипуновски и Владо Мисајловски, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Министерот Панче Тошковски објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и состојбата е високоризична. До 200 метри се забележува средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставени сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.