Македонија
(Видео) Почна уредувањето и на втор зелен покрив во Скопје
Градот Скопје во соработка со УНДП почна со уредување на вториот зелен покрив во центарот на градот – покривот на Домот на градежници. Според проектот, на површина од речиси 400 квадратни метри ќе бидат засадени повеќе од 30 различни видови садници – дрвја, средно и ниско зеленило кое ќе биде функционално распоредено, ќе има тревна површина и вертикално зеленило поставено на ѕидовите, ќе се постават и клупи и друга урбана опрема, а ќе се врати и култното кино.
„Денеска почнуваме голема реконструкција на покривот на Домот на градежниците – една култна стара зграда во центарот на Скопје, изградена пред децении, којашто во своето златно доба била место каде што се собирале градежните работници и учествувале во своето културно издигнување. Посебно бил значаен покривот на таа зграда каде што се случувале многу културни настани. Познат е како „Киното на Домот на градежници“ кое со овој зелен покрив ќе го вратиме. Она што планираме да го направиме овде е по примерот на покривот на ГТЦ којшто беше огромен успех, го посетија 100.000 луѓе за само една година и стана едно од местата кои скопјани ги користат за своите фоторазгледници и за своите свадбени фотографии. Сега правиме ново место во центарот, во Мал ринг, каде што ја идентификувавме потребата да се бориме против топлотниот остров што го создава покривот на оваа зграда. Очекуваме дека по реконструкцијата, просечната температура на годишно ниво ќе биде намалена за три степени, а во лето ќе биде драстично намалена температурата пред околните згради“, рече Никола Наумоски, претставник од Град Скопје, на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека покривот на Домот на градежници има две нивоа, а и на двете нивоа ќе биде поставено зеленило.
„Дополнително, околу оградата ќе биде поставен дрворед од густи дрвја за да не им пречиме на граѓаните од околните згради со нашето присуство“, објасни Наумоски.
Запуштениот и руиниран покрив на Домот на градежници во Стратегијата за климатски промени на проектот „Отпорно Скопје“ беше препознаен како едно од неколкуте места наречени „урбани топлотни острови“ кои влијаат на зголемување на просечната температура во градот. Согласно со податоците од релевантни истражувања температурите на зелениот покрив можат да бидат пониски од 16 до 22 Целзиусови степени споредено со конвенционалните покриви. Со тоа, температурите на околината можат да се намалат до 3 Целзиусови степени, при што потрошувачката на електрична енергија потребна за ладење на овие објекти би се намалила за 0,7%.
Проектот за изградбата на Зелен покрив на Домот на градежници е финансиран од буџетот на Град Скопје (во вредност од околу 18,5 милиони денари), а имплементиран е во соработка и со поддршка од УНДП.
На почетокот на уредувањето на зелениот покрив на Домот на градежници денеска присуствуваа и заменик постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во нашата земја, Сања Бојаниќ, и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
„Овој покрив ќе се трансформира од ‘топлотен остров’ каков што е сега, во ‘зелен остров’ кој ќе ја намалува температурата, ќе ја контролира влажноста, ќе го подобрува квалитетот на воздухот и сè на сè ќе го подобрува квалитетот на животот на граѓаните на Скопје. Ова е придонес Скопје да стане поотпорно и позелено место“, рече Бојаниќ. Градоначалникот Богдановиќ го изрази своето задоволство од реализацијата на овој проект, кој ќе придонесе за поотпорно Скопје, а ќе понуди и можност за рекреација за граѓаните, особено за младите луѓе да учествуваат во различни културни активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

