Македонија
Почнува кампањата за одбележување на Светскиот ден на населението
Кампањата по повод Светскиот ден на населението 2018 година, во рамки на соработката со Канцеларијата на Фондот за население на ОН во Скопје, започнува денеска со одржување интерактивна работилница за млади во организација на Младинската мрежа Y-PЕЕR.
Тема на работилницата се човековите и сексуално и репродуктивното здравје и права, а ќе се одвива интерактивно со вклучени креативни вежби, презентации и изработка на видеоматеријали. Работилницата ќе се одржи во просториите на Центарот за младински активизам КРИК, со почеток во 10:00 часот.
Фондот за население на ОН (УНФПА) секоја година на 11 јули, на различна тема, го одбележува Светскиот ден на населението (World Population Day). Годинава темата е „Планирање на семејството како човеково право“.
Пристапот до безбедно и доброволно планирање на семејството е човеково право, има централно место во јакнење на родовата еднаквост и е клучен фактор за намалување на сиромаштијата. Меѓународната конференција за човекови права на Обединетите нации пред 50 години го прогласи планирањето на семејството за човеково право, за денес да е широко прифатено како основа за бројни права.
Од 1968 година, голем број договори и конвенции, важни за репродуктивното здравје и права, ги реафирмираа овие човекови права. Меѓу нив се и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација против жените од 1979 година, а од поново време, Самитот за одржлив развој од 2015 година, кога светските лидери се согласија дека во рамки на Развојната цел 3, до 2030 година ќе обезбедат “универзален пристап до сексуалните и репродуктивни здравствени услуги, вклучувајќи ги планирањето на семејството, информацијата и едукацијата“.
Оттаму, правото на планирање на семејството вклучува уживање и на други права, како што се правото на здравје, вработување и на образование. Обезбедувањето универзален пристап до здравствени услуги за репродуктивното здравје, вклучително и планирање на семејството, го забрзува развојот на државата кон намалување на сиромаштијата и остварување на глобалните развојни цели.
За жал, младите сè уште не можат секогаш да донесат одлуки за своето сексуално и репродуктивно здравје што би биле базирани врз релевантни и вистинити информации. Голем број млади немаат пристап до информација или образование. Социјалните норми за големината на семејството, бременоста и правата на младите лица го ограничуваат нивниот пристап до знаењата за методите за планирање на семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.
Македонија
(Фото) Патот кон Теферич затворен за сообраќај, градоначалничката на Кисела Вода најави најбрзо техничко решение
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај објави на социјалните мрежи градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
„По денешниот повторен увид на терен со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец.
Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“.

Апелира до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.

„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција.
Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, напиша таа.
Претходно граѓани алармираа дека повторно се оштетил патот кон Теферич, само пет месеци по неговото реновирање.
Македонија
Беким Сали во работна посета на Украина: „Изразена солидарноста и поддршката кон украинскиот народ“
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денес престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.
Во рамки на посетата, Сали учествуваше на комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, при што беше изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.



За време на посетата, предвидена е билатерална средба со заменик-претседателот на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина, Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во процесот на европска интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во пристапниот процес кон Европската Унија.
Во агендата е предвидена и средба со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, г-ѓа Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.
Сали ќе оствари средба и со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите на Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето на мирот и општествената стабилност.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка и реафирмирање на поддршката на Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евроатлантската перспектива на Украина.

