Македонија
Почнува јавна кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк
Центарот за едукација и развој (ЦЕД) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) почнуваат со имплементација на јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк.
Кампањата на терен ќе се спроведува со директно вклучување, информирање и консултирање на локалното население, приватните бизниси и сите засегнати страни што гравитираат на подрачјето на идниот национален парк, со цел да бидат добро информирани и запознаени што претставува национален парк, кои се придобивките, вклучувајќи ги и социо-економските аспекти и зошто Шар Планина треба што побргу да се заштити со закон. Кон кампањата се приклучуваат и организациите од платформата „Пријатели на Шара“ преку конкретни активности на терен и медиумска промоција, а добредојдени се да се вклучат со свои активности и сите други организации, кои ја изразија својата желба да го помогнат процесот со потпишувањето на меморандумот за соработка.
За детаљно информирање на населението во рамките на проектот, во согласност со Планот за комуникација, предвидени се низа активности и изработени разни промотивни материјали.
Кампањата ќе почне со „Патувачко кино“ во руралните средини на идниот национален парк со проекција на промотивното видео и дискусија со локалното население, а ќе продолжи со организирање тематски форуми со засегнатите страни на разни теми, како што се ловството, туризмот, руралните активности и др.
За подобро разбирање на процесот, ќе биде спроведена и јавна презентација на студијата за валоризација на Шар Планина, а ќе се обезбеди и поголема застапеност на темата во медиумите преку гостувања и интервјуа со експерти од разни области, редовни брифинзи на новинари за процесот, како и објавување колумни на експерти и поддржувачи.
За подобра презентација на Шар Планина и на нејзините убавини за кои се слуша надалеку, ќе бидат организирани прошетки низ природните убавини на Шар Планина, ќе се изработат и фотоприказни од успешни локални претприемачи и тие ќе бидат споделени во социјалните медиуми.
Со цел да се обезбеди висок степен на транспарентност на процесот, на веб-страниците на МЖСПП се отворени посебни потстраници, каде што се објавени документите поврзани со процесот и се достапни на следниот ЛИНК.
Јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк се спроведува во рамките на проектот: „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање користење на земјиштето“, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), а имплементиран преку Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП), регионалната канцеларија во Виена и Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија како главен партнер и корисник. Центарот за едукација и развој (ЦЕД) е локален партнер одговорен за спроведување на јавната кампања. Некои од активностите се поддржани и од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), а во спроведувањето се вклучени и Македонско еколошко друштво (МЕД) и платформата „Пријатели на Шара“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

