Македонија
Засилена контрола за пропуштање пешаци на пешачки премин

Министерството за внатрешни работи вчера спроведе засилена акциска контрола за санкционирање на возачите што не ги пропуштаат пешаците на пешачки премин, односно не ги почитуваат обврските како возачи.
При контролата спроведена во целата територија санкционирани се 73 возачи.
Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените акциски контроли. Се апелира до возачите секогаш да ги пропуштаат пешаците, односно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Исто така, МВР апелира и до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да го минуваат коловозот на обележан пешачки премин затоа што непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано. Сите заеднички, со почитување на правилата, да придонесеме за побезбедни сообраќајници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Милошоски: Не помина интерпелацијата на Левица и СДСМ за Тошковски, целта им беше лична дискредирација и злоупотреба на трагедијата

„Не помина интерпелацијата на Левица и СДСМ против МВР, Панче Тошковски. Целта им беше провидна“, напиша на социјалните мрежи Антонио Милошоски.
„Прво лична дискредитација на Тошковски, а потоа злоупотреба на семејните емоции од големата трагедија во Кочани. Манипулативни намери, наместо реални предлози и поддршка“, додаде тој.
Македонија
Мицевски: Интерпелацијата за министерот Тошковски не доби поддршка

„Интерпелацијата за министерот Панче Тошковски не доби поддршка. Очекувано од неколку причини“, напиша Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Потребна е стабилност, а не политичко дестабилизирање. Во услови кога Владата е во фаза на спроведување важни реформи, особено во безбедносниот сектор, несериозни интерпелации создаваат дополнителна нестабилност и можат да го компромитираат спроведувањето на започнатите процеси. Јавната безбедност бара стабилност, континуитет и институционално зајакнување, а не секојдневни политички турбуленции“, додаде тој.
Македонија
Ахмети: Албанците се соочуваат со опасна офанзива насочена кон демонтажа на клучните столбови на Охридскиот рамковен договор

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денес беше пречекан во Приштина од страна на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи. Средбата се одржа во топла атмосфера и се фокусираше на политичката ситуација во двете земји, регионалните предизвици, меѓусебната соработка и загрижувачките случувања во Северна Македонија, извести ДУИ.
Ахмети ѝ се заблагодари на претседателката Османи за топлиот прием и го пофали нејзиниот лидерски ангажман во достоинственото претставување на Косово на меѓународната сцена. Тој ги поздрави успешно завршените избори и изрази очекување за брзо формирање на институциите, како и за потребата од поблиска координација и заеднички ставови во одбрана на заедничките интереси и зачувување на стабилноста, мирот и евроатлантската интеграција во регионот.
Во овој контекст, Ахмети ја изрази својата длабока загриженост за влошувањето на политичката и институционалната состојба во Северна Македонија, каде Албанците се под систематски напад од еден хибриден политичко-олигархиски блок со етнички супремацистички карактер и со политички инжињеринг на албанското претставување.
„Денес, Албанците се соочуваат со опасна офанзива насочена кон демонтажа на клучните столбови на Охридскиот рамковен договор. Уставниот суд се трансформира во партиски инструмент со кој се укинуваат темелите на еднаквоста, како што се употребата на албанскиот јазик и механизмите на Бадентеровото мнозинство и балансерот. Ова претставува флагрантно прекршување на принципот на меѓуетничка еднаквост,“ истакна Ахмети.
Тој додаде дека европската агенда е маргинализирана, а земјата е оддалечена од патот на интеграцијата и соживотот.
За првпат, во јавниот и политичкиот дискурс почнуваат да навлегуваат алтернативни идеи спротивни на мултиетничкиот и унитарен карактер на државата, како што е предвидено со Охридскиот рамковен договор, се додава во соопштението на ДУИ.