Македонија
„Засрамувачки е што спикерот Гаши и неговата партија се обидуваат да спечалат етнички поени врз кршење на законските и деловничките норми“, вели Левицата
„Изјавите во однос на интерпелацијата на пратеничката Даути, кои деновиве доаѓаат од т.н албански политички блок и од претседателот на Собранието, Африм Гаши, само ја покажуваат нивната неуставна политичка култура на дејствување, при што дури и уставно предвидениот институт “интерпелација” се обидуваат да го толкуваат низ етничка димензија. Скандалозните и неделовнички изјави на Гаши дека нема да го достави усвоениот Заклучок од интерпелацијата е флагрантен израз на неговото самоволие, кое ја става партијата на Мицкоски со 58 пратеници во потчинета положба. Насилничкото делување на Гаши, со кое се узурпира волјата на законодавниот дом, само ги потврди тезите на Левица дека спикерското место не смее да припадне на необалистичка партија со два пратеници“, велат од партијата Левица.
„Изјавите дека интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство е елементарно непочитување на Уставот и на законодавниот дом, како највисок орган кој врши контрола над работата над избраните и именуваните функционери. Интерпелацијата за пратеничката од Алијанса за Албанците беше изгласана со апсолутно мнозинство од страна на пратениците, односно со 61 пратеник, што директно ја имплицира тежината на политичката одлука. Доколку апсолутно мнозинство од 61 пратеник е доволно дури и за изгласување на недоверба на влада, нејасно е како одредени политички чинители свесно го деградираат Уставот и изјавуваат дека ова мнозинство не е доволно за разрешување на претседател на собраниска комисија?!
Левица очекува пратеничката Даути да ја демонстрира својата политичка одговорност и да го сочува својот интегритет како пратеник во Собранието, со тоа што ќе го испочитува усвоениот Заклучок во Собранието, каде јасно е прецизирано дека Даути, како претседател на собраниска комисија, го прекршила Деловникот на Собранието. Во спротивно, Левица е подготвена да иницира предлог за разрешување до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со која претседава пратеникот од редовите на ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски. Очекуваме владејачкото мнозинство да го предложи ваквиот издржан предлог на Левица, со цел заштита на законодавниот дом од самоволието на одредени политички чинители.
Воедно, со цел да ги разјасниме неуставните толкувања во јавноста, потенцираме дека правните норми се јасни: владејачкото мнозинство преку собраниската комисија има правна можност и обврска да ја разреши Илире Даути, доколку таа продолжи да го крши Деловникот и не си поднесе оставка од функцијата претседател на комисијата. За Левица, Илире Даути со изгласаната интерпелација е разрешена од претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Засрамувачки е што спикерот Гаши и неговата партија се обидуваат да спечалат етнички поени врз кршење на законските и деловничките норми и продолжуваат со деструктивните политики каде што застана ДУИ“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

