Македонија
Застреланиот лекар Шаини ја брани сопругата: Ги отфрлам тврдењата дека зад ова стои госпоѓата Арјета Ајдини
Застреланиот лекар Зекирија Шаини ги отфрли како неосновани и невистинити тврдењата дека неговата сопруга Арјета Ајдини е вмешана во вооружениот напад врз него. Тој побара од истражните органи итно да ја расчистат ситуацијата и обвини дека целиот случај е обид за негова дискредитација.
„Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека за ова стои госпоѓата Арјета Ајдини. Овој случај, за жал, се претставува со јасна намера за дискредитација на мене и моето семејство, како и за создавање збунетост и заблуда во јавноста,“ изјави Шаини, додавајќи дека нема никакви сознанија за мотивите на нападот и дека е подготвен за целосна соработка со институциите.
Тој апелираше случајот да не се третира како семеен спор. Кажа дека живее со сопругата и нивните две ќерки во село Слупчане и повика случајот да не се користи за политички поени во предизборниот период.
„Ќе продолжам со главата горе, од никого не се плашам, зашто лошо никому немам сторено,“ рече Шаини.
Иако поминаа само три дена откога беше застрелан на улица во Куманово, лекарот од Клиниката за пулмологија во Скопје Шаини, кој е носител на советничка листа на ДУИ за Липково, рече дека вечерва ќе излезе и на предизборен митинг.
Претходно беше објавено дека полицијата ја привела сопругата на Шаини и дека е била осомничена за вмешаност во обидот за негово убиство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

