Македонија
Зафировски: Заев и Филипче да кажат дали праќале луѓе да договорат провизии за изградба на Клиничкиот центар
Има се повеќе информации дека блиски луѓе до Зоран Заев и Венко Филипче пред година и пол биле во една европска престолнина, каде се сретнале со претставник на фирма заинтересирана за изградба на Клиничкиот центар и разговарале за провизии, посочи на денешната прес-конференција, Оливер Зафировски, член на Комисијата за здравство при ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев и Филипче да одговорат и да кажат, дали и кого пратиле да разговара за провизии при изградба на Клиничкиот центар за кој сакаат да потрошат половина милијарда евра народни пари? Ова е дотолку посимптоматично ако се земе фактот дека идентичен Клинички центар во Белград, исто така со 1.000 кревети, 20 операциони сали, ќе чини 125 милиони евра, односно 400 милиони евра помалку“, посочи претставникот на опозициската партија.
Зафировски воедно посочи дека доколку Заев и Филипче сакале Македонија да добие модерен Клинички центар, тие немало да го раскинат договорот за градба на Клиничкиот центар Мајка Тереза.
„Тоа ќе значеше темелно реновирање на сите постоечки клиники и изградба на нови објекти за само 120 милиони евра, што беа обезбедени од Европска Банка, а имаше и проектна документација. Дополнително ќе го довршеа и Клиничкиот центар во Штип, кој веќе 4 години е карабина“, кажа тој, додавајќи дека здравјето и здравствената инфраструктура очигледно не се приоритет на оваа власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Илинден: За првпат се воведува финансиска поддршка за првачиња
Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирање конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, за првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња, соопштија од општината.
„Општина Илинден од 2022 година, континуирано обезбедува ранчиња со училишен прибор за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територија на општината. Почнувајќи од следната учебна година, покрај досегашната поддршка со ранчиња и училишен прибор, Општината како новина воведува доделување на субвенција во износ од 3.000 денари за секое прваче.
Целта на оваа финансиска поддршка е на родителите да им се олесни покривањето на дел од трошоците поврзани со започнувањето на образовниот процес, како и да се овозможи посигурен и порамномерен старт за сите ученици“.
Средствата за спроведување на субвенцијата во целост, како што појаснуваат, се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден. Тоа додаваат од таму, уште еднаш ја нагласува посветеноста на локалната самоуправа кон вложување во децата, семејствата и иднината на заедницата.
„Во рамки на поддршката на млади семејства, општината неодамна ги зголеми и финансиските надоместоци за новороденчиња, со што јасно потврдува дека граѓаните се нејзин клучен приоритет и основа за долгорочен и одржлив развој“.
Македонија
Алиу: Министерството за здравство останува посветено на следење на најсовремените пристапи во развојот на кардиоваскуларната медицина
Министерот за здравство, утрово присуствуваше на стручен симпозиум, во организација на „Клиниката Жан Митрев“, кој претставува платформа за поврзување на меѓународните препораки со реалната клиничка практика.
-Особена вредност на овој симпозиум е интерактивниот формат, кој овозможува размена на искуства, унапредување на клиничкото одлучување и јакнење на соработката меѓу различни специјалности, со цел подобра, побезбедна и персонализирана грижа за пациентите. Посебно беше потенциран активниот придонес на континуираната медицинска едукација и развојот на кардиоваскуларната медицина, истакна во своето обраќање министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерот, меѓу другото потсети и на новините во предлог-законот за заштита од пушење, чија цел е токму заштита и унапредување на здравјето на пациентите, имајќи предвид дека пушењето предизвикува кардио-васкуларни заболувања, кои се во подем, како кај нас, така и во светски рамки.
Министерството за здравство останува посветено на следење на најсовремените пристапи, во континуитет ги унапредуваме условите во јавните – здравствени установи и набавка на најсовремена опрема со цел развој на здравството во државата.
Македонија
Левица: Владата и стопанските комори против зголемувањето на минималната плата
Изземајќи се од одговорност, Владата цврсто стои на страна на работодавачите и повеќе од година и пол, во услови на енормна инфлација, ја држи минималната плата замрзната, обвини Левица.
Од партијата велат дека Економско социјалниот совет е окупиран од Стопанската комора и Владата и функционира како подружница на олигархијата.
„Со немањето слух за барањата на работниците и синдикатите, „третата економија во Европа“ продолжува да го стимулира иселувањето на младите, коешто се обидува да го надополни преку увоз на „странски работници“. Додека соработниците на Мицкоски носат одлуки за покачување на сметките за струја, вода, парно, комуналии, детски градинки, здравствени услуги и дозволуваат неконтролирана инфлација на основните намирници, сѐ повеќе вработени остануваат на работ на егзистенцијата, а вработување никому не му гарантира бегство од сиромаштија. Третата европска економија остана на дното по износот на минималната плата и остана во категоријата сиромашни држави“, се наведува во соопштението.
Според Левица, со самото тоа што Христијан Мицковски и Владата не дава поддршка за зголемување на минималната плата јасно е дека буџетската каса е празна дури и за тековните обврски кон вработените.
„Отсуството од преговори за минимална плата и префрлање на истите со работодавачите од приватниот сектор е само маска и дефокус од реалната состојба на буџетот кој владеачката ВМРО – ДПМНЕ не само што го испразни, она што остана од претходната власт, туку и продолжи со кредитни задолжувања и еврообврзници. Заради себичните партиски и бизнис интереси на десничарската Влада, егзистенцијата на работниците е доведена во прашање. Левица бара итно и неодложно зголемување на минималната плата согласно барањата на работниците, затоа што тоа е единствената алатка која гарантира егзистенција на обичниот човек“, велат од партијата.

