Македонија
За Илиден – Иванов на Мечкин Камен, Заев во Пелинце
Свеченостите по повод Денот на Републиката – 2 Август, Илинден, во Скопје започнуваат во 10 часот пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев. Таму свежо цвеќе ќе положат претседателот на Собранието, Талат Џафери, и владина делегација составена од министрите за труд и социјална политика, за финансии и за дијаспора, Мила Царовска, Драган Тевдовски и Едмонд Адеми.
Потоа, во 10:30, истата делегација ќе се поклони и ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методиј Андонов Ченто.
На крајот, односно во 10:45 свое обраќање ќе има претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Празникот ќе се одбележи и во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, со почеток во 11 часот. Свежо цвеќе ќе положи владината делегација предводена од премиерот Заев, а во чиј состав ќе биде вицепремиерот и министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, како и министрите за надворешни работи, за правда и за култура, Никола Димитров, Рената Десковска и Асаф Адеми. Во 11:30 часот е предвидено обраќање на премиерот Зоран Заев. Свеченоста во Пелинце ќе биде збогатена и со културна програма. Свој настап ќе има хорот Вардар, ансамблот Танец ќе изведе неколку традиционални македонски ора, додека културно-уметничко друштво Емин Дураку, ќе изведе сплет од албански песни и ора.
На Мечкин Камен, во Крушево, Денот на Републиката и државните почести по повод годишнината ќе ги одбележи претседателот, Ѓорге Иванов. Во 9:30 часот ќе биде положено свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, а во 10 часот на Споменикот на хероите – Слива. Точно напладне, односно во 12 часот, ќе биде положено свежо цвеќе на Мечкин Камен, по што следува обраќање на претседателот Иванов.
На Мечкин Камен ќе присуствува и Владина Делегација составена од заменик на претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, министрите за транспорт и врски, Горан Сугарески, за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и за здравство, Венко Филипче.
Илинден ќе се слави и во Смилево. Таму се обележуваат 115 години Илинден и 76 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ – Ослободување на Смилево. По тој повод, во 9 часот свежо цвеќе ќе биде положено на три спомен обележја: могила на Даме Груев – обелиск, на споменикот на Смилевските илинденци – обелиск и на спомен плочата на партизанскиот одред „Даме Груев“.
Во Смилево, Владата ќе ја претставуваат министерот без ресор Зоран Шапуриќ, заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, и националниот координатор за здравство, Гоце Чакаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ветува изградба на споменик за бранителите од Вејце
Политичката партија Левица вели дека ако дојде на власта ќе изгради во Вејце споменик во помен на загинатите бранители, кои несебично се жртвуваа во војната во 2001 година.
„Масакрот од 2001 година во село Вејце останува дел од колективната меморија на Македонците како најголем пораз на државните институции од група на терористи, кои ден денес немаат праведна судска разврска, туку напротив истите тие кои ги направија овие злосторства беа амнестирани и наградени со удобни фотелји.
Делегација на Левица на 28 Април ќе положи свежо цвеќе за сеќавање на жртвата на осуммина припадници на специјалната единица “Волци” кои беа убиени, масакрирани и живи запалени на истиот тој ден пред 23 години.
Проектот го изготви м-р Андреа Јанков, координатор на секторот за Урбанизам и локална самоуправа на Левица“, велат од партијата.
Македонија
Маричиќ: Евроинтеграцијата е премногу важна цел за да се потклекне пред предизвиците
Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ ја пречека Вицепремиерката за европски прашања на Република Молдавија Кристина Герасимов. По остварената средба во Секретаријатот за европски прашања, Вицепремиерите одржаа заедничка прес конференција во Владата на Република Северна Македонија.
На прес конференцијата Вицепремиерот Маричиќ ја пренесе заедничката определба на двете држави што побргу да го завршат процесот за преговори за членство во ЕУ. Во продолжение интегралната изјава на Вицепремиерот Маричиќ.
„Откако на Самитот на ЕУ во Шпанија минатата година беше утврдена целта дека следното проширување на ЕУ е позиционирано до 2030 година, и откако Европскиот Совет донесе одлука да ги отвори пристапните преговори со Молдавија и Украина, Северна Македонија и Молдавија имаат заедничка цел. Со тоа стануваме и стратешки сојузници.
Република Молдавија сега го отпочнува скрининг процесот, додека ние го завршивме успешно во декември минатата година. Успешниот скрининг е резултат на ангажманот на речиси илјада владини претставници и експерти од академскиот и граѓанскиот сектор, за што добивме признанија од страна на Европската Комисија.
На колешката Герасимов ѝ пренесов дека Северна Македонија ќе им го стави на располагање сето знаење и искуство од овој процес на нашите колеги од пријателска Молдавија. Исто како што ние ја добивме поддршката од Хрватска и Словенија, Србија и Црна Гора.
Тоа е европската солидарност. Тоа е израз на пријателство и поддршка како европски вредности.
И двете држави сериозно претендираме на членство при следното проширување до 2030 година. Тоа проширување добива на значење и во забрзување заради геостратешките и безбедносните аспекти, Но, исто толку сме свесни дека за членство во ЕУ мора да ги исполниме и објективните критериуми и стандарди. Секоја земја одделно со своите специфики и перформанси е повикана да ги постигне тие стандарди, но споделувањето на искуствата на тој пат е од огромно значење и секогаш добредојдено.
Исто така, имаме сериозна намера и подготвени сме да ги извлечеме најдобрите придобивки од Планот за раст, кој треба да донесе дополнителна динамика во евроинтегративните процеси на земјите претенденти за членство во ЕУ.
Креиран, како финансиска и политичка инвестиција во регионот, Планот за раст со шесте милијарди евра за Западен Балкан е подадена рака за забрзување на процесот за членство до 2030 година. Тоа е брза лента на патот на евроинтеграцијата. Планот за раст бара реформи од државите и од владите, а придобивките се во системските промени кои ги обезбедуваме низ тие реформи, во финансиските пакети за земјава и во економската интеграција во единствениот европски пазар.
Мораме да останеме силно посветени на европската реформа агенда, зашто само на тој начин, токму преку Планот за раст ќе си обезбедиме слободно движење на стоки, услуги и работници, пристап до Единствената платежна област, олеснување на патниот транспорт, интеграција во индустриските синџири на снабдување, интеграција и де-карбонизација на енергетските пазари, како и во дигиталниот единствен пазар.
На овој пат до членството во ЕУ, сите земји кои се во преговори или се кандидати се соочуваат со предизвици кои бараат одговорни одлуки. Северна Македонија сега е пред таков предизвик. Ние нема да се откажеме од донесувањето на потребните одлуки за да ги продолжиме започнатите преговори.
Со колешката Герасимов се согласивме дека евроинтеграцијата е премногу важна цел за да се потклекне пред предизвиците. За двете земји членството во ЕУ е приоритет во остварувањето на врвните државни интереси.
Македонија
„Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири
Министерот за здравство Илир Демири кажа дека штетата на Токсикологија е покриена, откако имаше хаварија со цевката за парно.
„Клиничкиот центар има заеднички служби кои се наменети за тоа, тоа им е примамрна обврска да се грижат за Клинички центар и за сите хаварии што можат да се случат. Хаваријата со цевката за парно е санирана уште вчера од страна на заеднички служби“, рече Демири.
Дали е потпишан договор или не, тоа се интерни договори на Клиниките кои морам да ги проверам, додаде министерот.
Во однос на болничарот кој требаше да биде суспендиран, Демири кажа дека има една голема неправда направена на Токсикологија, а тоа е необезбедување на согласност од страна на менаџментот на таа институција за обезбедување договори за 18 вработени кои се дел од медицинските процедури, кои веќе 4 месеци служат на таа институција, а не добиваат никаква економска надокнада.
„Во тек е изборна кампања, не сакам да се прекрши ниту една законска процедура, чекам да дојде извештајот на Инспекцискиот надзор кој ги има обврзано во тек на 5 дена менаџментот да најде решание за 18 луѓе кои работат, а не добиваат надокнада. Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири.
На новинарско прашање, министерот одговори дека економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката.
„Не се точни наводите дека доаѓала на работа по четири саати, според моите сознанија“, додаде Демири