Македонија
За македонскиот јазик не се преговара и нема потреба од расправа во Собранието, смета СДСМ откако опозицијата предложи резолуција

Ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот кој го зборува, нема потреба да поднесува резолуции, реагира СДСМ откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека опозицијата во Собранието ќе поднесе резолуција со која ќе бидат дефинирани црвените линии во преговорите со Бугарија.
„Мицкоски е изгубен во своите блокади, нема доследен став и сè што прави е против државните и националните интереси. Сè што прави Христијан Мицкоски е против државните и национални интереси, тој до толку е изгубен во своите блокади што еден ден зборува едно друг ден друго. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од каква било расправа за тие прашања, особено не во македонското собрание“, наведува СДСМ во реакцијата.
Во продолжение се додава дека политичар како Мицкоски кој ги кочи интегративните процеси на државата не може да понуди никаква европска агенда.
Според СДСМ, очигледно е дека Мицкоски ќе измисли сè само за да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски по повод Денот на македонската дипломатија: „Таа е мост помеѓу народите и чувар на мирот“

По повод 29 април – Денот на македонската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, упати честитка преку социјалните мрежи.
Во објавата, министерот потсети дека македонската дипломатија своите почетоци ги има во Бирото за односи со странство, формирано во 1969 година, како прв институционален облик за водење на надворешната политика.
„Овој ден е посветен на дипломатите и сите вработени во Министерството за надворешни работи, чиишто посветеност, професионализам и дипломатска умешност се клучни за градење на меѓународниот углед на нашата земја, за унапредување на билатералните и мултилатералните односи и за одржување на врските со македонската дијаспора“, напиша министерот Муцунски.
Тој додаде дека Денот на македонската дипломатија нè потсетува на важноста на дипломатската мисија како мост меѓу народите, чувар на мирот и промотор на соработката, упатувајќи честитка до сите актуелни и поранешни дипломати и вработени во Министерството за нивниот придонес.
Македонија
Стојаноски: Интерпелацијата за Тошковски e доказ за глодарство и злоба

Интерпелацијата e доказ за глодарство, злоба и бескруполозност на политички актери кои што немаат никаков друг интерес, освен политичко профитерство, изјави пратеникот од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница каде што се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски.
„Имаме можност денес да дебатираме по поднесената интерпелација за министерот Панче Тошковски. И мислам дека неколку работи денес треба да бидат кажани, директно кажани, јасно со цел да растуриме некои премиси кои што се создаваат во јавноста, како и која е целта на ова интерпелација, затоа што сметам дека многу неискреност има и многу зборови се споменаа во досегашните дискусии како морал, како одговорност, а за несреќа на оваа држава барем во претходните десет години можеме да направиме еден пример како се поставува по ваква трагедија, а како се постапувало, или не се постапувало во претходниот период, но и да видиме една одвратна малодушност и политички рефлектирано глодарство кое се граничи со мизерни и нечовечки особини“, рече Стојаноски на денешната собраниска седница каде што се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски.
Стојаноски е категоричен дека за поднесената интерпелација ќе биде потппишан писмен доказ за глодарство и злоба на политички актери кои што немаат никаков друг интерес освен политички да профитираат.
Македонија
Таравари на локалните оди со посебни советнички листи: Нема враќање назад

Министерот за здравство и лидер на едното крило од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, не отстапува од одлуката на локалните избори да одат со сопствени советнички листи иако на власт дојдоа како дел од коалицијата „Вреди“, која се подготвува да прерасне во една политичка партија.
„Засега имаме сигурна одлука дека одиме со посебни советнички листи и тоа е одлука на партијата и од тоа нема враќање назад. За сè друго сме подготвени и отворени да разговараме со сите во однос на локалните избори“, рече Таравари денес при посетата на вакциналниот пункт во Поликлиниката „Букурешт“.
И денес тој уверуваше дека владината коалиција е стабилна и има редовна комуникација со премиерот со кого очекува средба откога ќе се врати од службено патување.
Неговите досегашни коалициски партнери од „Вреди“, пак, сметаат дека Таравари сам се исклучил од коалицијата и треба да си замине и од Владата оти не може и да биде дел од Владата и да преговара со ДУИ.