Македонија
За новогодишно украсување, општините дале 785 илјади евра – најмногу пари потрошила Општина Штип
За новогодишно украсување, општините потрошиле 785 илјади евра, а 78 отсто од вредноста е концентрирана кај една фирма.
Ова го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за трошоците на единиците на локална самоуправа за новогодишно украсување.
„Истражувањето покажува дека: тендери за новогодишно украсување имале 36 општини; најмногу пари потрошила Општина Штип, 81 илјада евра; Градот Скопје и пет други скопски општини заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма; Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари; На 81 % од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма; Една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава; 94 % од договорите за јавна набавка за украсување се склучени во декември, на нецели две недели од новата година“, се наведува во соопштението.
Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување изнесува 48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации, се очекува вредноста на трошоците за новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина Новаци која има набавка на услугата за новогодишен огномет.
Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје во вредност од 4.998.480 денари, односно 81.276 евра.
Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 4.271.600 денари, односно 69.457 евра.
Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 17.521.584 денари, односно 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.
Покрај Град Скопје и сите други 6 општини од градот склучиле договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје.
Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.
На дното, со трошоци за украсување пониски од 10.000 евра се општините Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП Куманово Паркинг (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).
Во истражувањето е истакнато дека тендерите за новогодишно украсување се спроведувани главно без конкуренција.
„Просечниот број понуди по еден тендер изнесува само 1,15 што е далеку под препорачаниот минимум за обезбедување пазарна конкуренција. Притоа, во дури 27 од вкупно спроведените 32 тендерски постапки била доставена по само една понуда. Вредноста на договорите во кои била доставена по само една понуда изнесува дури 91 %. Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците на украсувањето. Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус, во вкупна вредност од 37.825.726 денари, односно 615.052 евра. Произлегува дека Линк Медиа Плус добила 78 % од вредноста на сите вакви договори“, се наведува во соопштението.
Повеќе од еден договор успеале да добијат уште две фирми, ДИМЕНЗИЈА 360 од Скопје за трите општини од југот Валандово, Гевгелија и Дојран, како и фирмата ГРИН ВЕЈ од Битола, која освен со Општина Битола склучила договор за украсување и со Општина Ресен.
Останатите 12 фирми кои имаат склучено договор за новогодишно украсување се носители на по само еден договор.
Центарот за граѓански комуникации наведува дека тендерите за новогодишно украсување традиционално се склучуваат доцна во годината што сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема.
„Дури 30 од 32 договори се склучени во декември, со тоа што на дел од нив потписот е ставен нецели 2 недели пред новата година. Ваквото постапување е проследено и со непочитување на законската обврска до Електронскиот систем за јавни набавки да се достави известување за склучениот договор, најдоцна 10 дена од денот на склучувањето. Голем дел од општините не го почитувале овој законски рок. Доцното објавување на огласите за јавна набавка, и оттука склучување на договорите во декември, сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

