Македонија
За три недели Рашковски ќе ја чуе пресудата за „Софтвери“

За три недели, ексгенералниот секретар Драги Рашковски ќе ја чуе пресудата на Кривичниот суд за случајот „Сотфтвери“ каде е обвинет. Судијката Фанка Јанчулева – Михаиловска, рочиштето го закажа за шести јули. Пресудата доаѓа по година и половина континуирани судења, изведување докази, сослушување сведоци, докажување.
Рашковски и во завршните зборови уверуваше дека нема вина. Тој посочи дека очекува ослободителна пресуда. Истото го кажаа и останатите обвинети во случајот – од хонорарци, до сопственици на фирми, како и ангажираните надворешни соработници во Владата.
Обвинителката Ивана Трајчева од судот очекува осудителна пресуда и казна согласно отежителните и олеснителните околности. Согласно доставеното имотно правно барање од Државното правобранителство на Р.С.Македонија, обвинителството предложи обвинетите да ја надоместат штетата во вкупен износ од 18.794.137,00 денари во корист на Буџетот на државата.
Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот. Во прилог на ова, Обвинителството вели дека Рашковски дал и насоки како да се изготви техничката спецификација на јавната набавка.
Освен ова, Обвинителството го гони и дека делел хонорари на хонорарци, на кои потоа им одзел дел и си ги зел за себе. Покрај него, обвинети се и професори на ФИНКИ, но и сопственикот на фирмата „Инвока груп“ кои ги добивал наместените набавки, Даниел Станчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Здружението на судии: Нема да ја коментираме неправосилната пресуда за „Онкологија“

Здружението на судии на Република Северна Македонија соопшти дека нема да даде коментар за неправосилната пресуда во предметот познат како „Онкологија“, бидејќи, како што наведуваат, основно правно начело е да не се коментираат судски одлуки кои не се правосилни, со цел да не се влијае врз понатамошната постапка и одлучување на повисок степен.
Во реакцијата, Здружението додава дека пресудата е донесена врз основа на признание на вина, но судството ќе ги почитува правните стандарди и нема да се впушта во понатамошни коментари.
Во однос на прашањето за платите, од Здружението нагласуваат дека и по зголемувањето од 78 проценти, платите на најголем број судии во основните судови изнесуваат околу 86.000 денари, а примањата на судските службеници се под просечната плата во државата.
„Ваквите плати на судиите и судските службеници се апсолутно најниски во регионот и пошироко,“ се наведува во реакцијата.
Македонија
Кирков алармира: Туберкулоза во Зоолошката градина во Скопје

Советникот во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, преку објава на социјалните мрежи предупреди на сериозна состојба во Зоолошката градина во Скопје, наведувајќи дека причина за смртта на неколку животни е туберкулоза.
Кирков посочи дека во изминатиот период починале ламите и младо мајмунче од видот гибон, кај кои е потврдена туберкулоза, а последно и европскиот бизон, за кој денеска, според него, биле добиени официјални резултати дека исто така бил болен од оваа болест.
„Зоолошката градина е контаминирано подрачје, цели реони се зафатени, вработените се оставени без соодветна заштита, а секојдневно има стотици посетители кои поминуваат низ живеалиштата каде починаа животни“, пишува Кирков.
Тој додава дека резултатите се добиени од Ветеринарниот факултет, Ветеринарниот институт и Агенцијата за храна и ветерина. Кирков бара итен инспекциски надзор, тестирање на сите вработени и животни, како и можност за времено затворање на установата.
Советникот најави и поднесување кривична пријава против менаџментот на градината, нагласувајќи дека во последните три години починале повеќе од 50 животни, без да има преземена одговорност.
Македонија
Марјан Димитриев кандидат за градоначалник на општина Аеродром од Левицата

Марјан Димитриев е кандидат за градоначалник на Општина Аеродром од Левица. Носител на советничката листа е Дејан Ристовски.
„Со ова официјално влегуваме во изборната трка со јасна визија: Аеродром да стане место каде што интересот на граѓаните ќе биде пред личните и партиските привилегии. Нашиот тим, составен од луѓе со интегритет и волја за промени, е подготвен да работи посветено за: подобра урбана средина; транспарентна работа на општината; вистинска грижа за жителите. Веруваме дека Аеродром заслужува нов почеток, без корупција, без партиски игри и без запоставување на реалните проблеми. Со поддршката на граѓаните, заедно можеме да ја донесеме таа промена“, соопштија од партијата.