Македонија
Зградата на Централна пошта во Скопје на листата на најзагрозени споменици во Европа за 2021
Европскиот глас на граѓанското општество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институт на Европска инвестициoна банка, денес ја објавија листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021, а меѓу нив е и зградата на Централна пошта во Скопје.
На листата се и железничката пумпа на пареа во Ахенси во Австрија, комплексот на гробишта во Мирогој, Хрватска, петте јужноегејски острови во Грција, градината Џусти во Верона, Италија, манастирот во Дечани, Косово и капелата Сан Хуан де Сокуева и Ермитаж, Кантабрија, Шпанија.
Објавата на 7-те најзагрозени локалитети во 2021 година беше најавена на дигитален настан.

„Целта на нашата листа на 7 -те најзагрозени за 2021 година е да алармира за сериозната закана со која се соочуваат овие локалитети. Од извонредниот средновековен манастир до прекрасната ренесансна градина, од индустриски и модерни конструкции до иконски културни пејсажи: овие локалитети се важни сведоштва за нашето заедничко минато, меморија и идентитет“, рече Гај Клаус, заменик-претседателот на Европа Ностра.
7-те најзагрозени локалитети за 2021 година беа селектирани од бордот на Европа Ностра од 12-те локалитети кои беа избрани од панел на интернационални експерти. Селекцијата беше направена врз основа на извонредното значење на наследството и културната вредност на секој локалитет, како и врз основа на сериозната опасност со која се соочуваат. Избраните 7 најзагрозени локалитети се квалификувани за ЕИБ грант за наследство до 10.000 еврапо локалитет.
Централната пошта е објект со модернистички и бруталистички архитектонски стил од повоената ера. Дизајниран е од македонскиот архитект и уметник Јанко Константинов и е финализиран во 1974 година. Исклучително моќната структура на објектот е изработена од армиран бетон, во форма на цвет од лотос. Неговата форма на лотос беше наменета да ја симболизира реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што предизвика разурнување на градот и неговата инфраструктура во 1963г.
Зградата преживеа огромен пожар во 2013 година. Првичното застаклување на куполите и муралите на дизајнерот на ентериерот Борко Лазески, како и специјално дизајнираните мебел и осветлување, беа целосно уништени или претрпеа сериозна штета.
Објектот на Централната пошта, вклучувајќи ги нејзините главни ентериерни и ѕидни обработки, денес е уште повеќе загрозен од неупотреба и влошување, засилено со присуството на поткопување од ерозијата предизвикана од покачување на подземните води поради непосредната близина на реката Вардар. Бидејќи зградата сè уште е без покрив, таа страда од директната изложеност на атмосферски влијанија со врнежи од дожд и снег кои продираат во целата нејзина внатрешност.
Номинацијата на Централната пошта за програмата 7-те најзагрозени во 2021 година беше поднесена од Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

