Македонија
Здравството е разбудено од клиничка смрт откако ВЛЕН е во Владата, велат од коалицијата откако беше обновен еден кат на Инфективна клиника
Коалиција ВЛЕН претпладнево преку соопштение до медиумите вети дека здравството повеќе нема да биде жртва на лошо управување и злоупотреба и ги истакна достигнувањата на Арбен Таравари, кој на функцијата министер дојде од коалицијата ВЛЕН.
„Клиниката за инфективни болести, по повеќедецениско запоставување, е реконструирана и опремена со најсовремена технологија. Со инвестиција од 1,5 милиони евра првиот кат е претворен во достоен простор за пациентите и медицинскиот персонал.
Главните иновации кои до вчера ги немаше а денес се можни на оваа Клиника. Автоматски молекуларен дијагностички анализатор – единствен во регионот за PCR, CRP и HPV. Апарат за аспирација – целосно автоматизиран, прв од ваков вид во земјата. Дополнителна опрема: ЕХО, ултразвучна еластографија, гастроскоп, бронхоскоп, генератор.
Потсетуваме дека Клиниката за инфективни болести е пример за успешно и ефикасно управување. Затоа, истото темпо на работа и посветеност ќе се применува и во другите Клиники со единствена цел на нашите граѓани да им обезбедиме најквалитетни здравствени услуги.
Здравството во нашата земја е разбудено од “клиничката смрт“ откако ВЛЕН стана дел од владата и го предводи Министерството за здравство. Но, сепак треба да продолжи да се подложува на тежок третман за целосно да се регулира овој систем.
Почетокот на спроведувањето на долгоочекуваните реформи донесе надеж. Напорот за подобрување влијаеше на пациентите, лекарите и целиот медицински персонал, како и администраторите. Здравството во текот на изминатите години ја изгуби не само својата репутација и доверба, туку и квалитетот на услугите кои се најпогодни за пациентите.
Здравството, како најважна алка во функционирањето на една држава кај нас, долго време беше осакатено. Бидејќи воопшто немаше инвестиција, се создаде систем кој лошо функционираше, каде здравството беше оставено во мизерија, а политичарите се лекуваа во странство. Оваа практика ќе заврши со новата влада, Владата на ВЛЕН, бидејќи ние сме посветени на подобрување на целиот здравствен систем.
Јавните здравствени установи ќе добијат поголем буџет од 100 милиони евра. Тоа значи дека годинава буџетот за јавните здравствени установи ќе биде околу 540 милиони евра. Но, тоа не е се. Потсетуваме дека по долги години позитивната листа на лекови е подобрена со 9 нови лекови. И, за прв пат во историјата на Северна Македонија, ќе бидат ангажирани 1.200 нови специјалисти со решенија со кои ќе се надополни медицинскиот персонал за граѓаните да добијат најквалитетни здравствени услуги“, стои во соопштениео од ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

