Македонија
Здружението на приватни стоматолози: Да бидеме подготвени да помогнеме со кадар ако добиеме таков налог
Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, ја поздрави одлуката на министерот за здравство за времено прекинување на редовната работа на стоматолошките ординации поради пандемијата со COVID -19 .
Ваквата одлука, Министерството за здравство ја донесе согласно одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на работа на Министерството и здравствените установи во вонредни околности.
„Сосема е извесно дека во доста здравствени домови постојниот број на тимови кои пружаат итна стоматолошка заштита во нормални услови нема да можат да ја извршуваат работата во ново настанатата состојба и потребата од ангажирање и на тимови од ПЗУ ќе биде неминовна. Согласно Законот, во услови на вонредна состојба министерството може да ги ангажира сите постојни кадровски потенцијали таму каде што е најпотребно. Затоа, почитувани колеги да бидеме спремни да помогнеме на Здравствените домови со својот кадар, па и со своите ординации ако за тоа добиеме налог од Министерот“, велат од Здружението.
Оттука додаваат дека истовремено треба да бидат подготвени ако епидемијата добие неочекувано поголеми димензии, согласно Член 285 од ЗЗЗ , некои од нив да бидат распоредени и на други задачи при справување со епидемијата, односно задачи кои не се поврзани со нивната редовна дејност.
„Во услови кога сите дејности ги најавуваат своите загуби и бараат помош преку мерките кои ги превзема Владата, мораме и ние да ги истакнеме финансиските импликации врз ПЗУ поради кризата со корона вирусот. Прво, поголемиот број на ПЗУ во мрежата имаат мал број на пациенти и приходите по основ на капитација не овозможуваат исплата ни на минимална плата за вработените , а да не збориме и за фиксните месечни расходи . Во услови кога ординациите не работат , овие ПЗУ не се во состојба да остварат никакви дополнителни приходи , кои во нормални услови донекаде ја ублажуваат матерјалната состојба“ се додава во соопштението од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина
Поради тоа уште еднаш го актуелизираме предлогот на Здружението доставен до ФЗО , за месеците на криза на сите ПЗУ во мрежата да им исплатува иста сума по тим на солидарен принцип , се разбира освен на оние кои ќе бидат ангажирани со активна работа во приспособени услови во вонредни околности. Второ , да не ги заборавиме ПЗУ од областа на стоматологијата кои работат надвор од мрежата. Тие ќе бидат и најтешко погодени од кризата во матерјална смисла , бидејќи нивниот извор за економски опстанок се само средствата наплатени од пациентите за извршени услуги. Во овие услови услуги не можат и не треба да прават , а треба да преживеат . За нив мора да бараме помош преку општите мерки на Владата за ублажување на финансијските штети од епидемијата кај други дејности . Најблиско за споредување се штетите во туризмот и угостителството . Не располагаме со точни податоци колку ПЗУ и со колку тимови работат надвор од мрежата. Ваков податок баравме од Министерството, ама за жал не го добивме . Затоа ги молиме сите колеги основачи на ПЗУ кои работат надвор од мрежата , да се пријават на Мејлот на Здружението или на Фејзбух страната на здружението . Сакам да ги слушнеме и нивните предлози. Истото важи и за ПЗУ заботехнички лаборатории , кои ќе доживеат финансијски колапс, бидејќи и тие опстојуваат исклучиво со своите услуги . И за нив сме должни да бараме какво такво санирање на состојбата , па затоа ги молам да се пријават на иста адреса. Трето , уште еднаш упатувам апел до ФЗО да го замрзне процесот на промена на матичен стоматолог за време на вонредната состојба и кризните месеци. Четврто , уште еднаш упатувам апел до раководството на Стоматолошката комора да не молчи по предлогот на Здружението за ставање на мораториум на КСУ за 2020 год. и сите доктори стоматолози да добијат по 20 едукативни бодови , потребни за обновување на лиценцата за работа“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, во наредните денови стабилно и студено со ниски утрински температури
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарјето засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во првите денови од следната седмица наместа ќе се спуштат до -10 степени. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).
Македонија
Бадниковата манифестација на 6 јануари: централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“
На денешната прес-конференција, одржана од страна на Здружението „Бадникови поворки“ пред Божикната пештера на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, беа објавени главните активности што ќе ја одбележат овогодишната Божикна манифестација, по која Македонија стана препознатлива и надвор од своите граници.
На почетокот на прес-конференцијата, координаторите на Здружението го изразија своето задоволство што, во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и младите е сè пократко, а вредностите се потиснати од брзиот ритам на живеење, токму Бадниковите поворки сведочат за спротивното. Податоците покажуваат дека интересот и учеството континуирано растат, а годинава повторно се најавува рекорден одѕив.
Според информациите кои пристигнуваат од повеќе од 80 општини и населени места низ Македонија, како и од македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и Соединетите Американски Држави, годинава се очекува уште поголемо учество и вклученост. Со тоа, Бадниковите поворки уште еднаш го потврдуваат својот карактер како манифестација што преку трајните, суштински животни вредности го обединува народот и ги поврзува генерациите.
Посебно беше истакнато дека денес веќе не е потребно дополнително да се поттикнуваат општините за организирање работилници, изработка на божикни ѕвезди, проби или хуманитарни активности – тие активности веќе станаа природен дел од празничното живеење.
Во таа насока, беше изразена благодарност до Министерството за култура, Град Скопје и сите општини кои континуирано ја поддржуваат манифестацијата и придонесуваат таа да стане препознатлива не само во земјата, туку и во регионот.
Оваа година, посебен акцент се става на збогатување на програмата, уште посилно приближување до децата и младите, како и создавање простор за најранливите категории граѓани. Во рамките на активностите, веќе се реализираат посети на домови за стари лица, каде што се организираат читања на божикни приказни, пеење божикни песни како и низа хуманитарни акции.
Планирани се и флеш-моб активности, предводени од Дарио Стојановски и млади музичари, кои ќе внесат радост и топлина во секојдневието, кога динамиката и бремето на животот често ја потиснува празничната атмосфера.
На прес-конференцијата беше претставено и иновативното решение на графичкиот дизајнер Ангел Мицевски, кој повеќе години работи на развој на трајна божикна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда.
Дополнително, претставен беше и уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш, кој семејствата ќе го понесат како симболичен подарок од овогодинешните Бадникови поворки.
Круна на целокупната програма ќе биде големата Бадникова манифестација на 6 јануари, која ќе опфати повеќе од осумдесет градови и населени места во земјата и дијаспората. Централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде што, по завршувањето на бадниковата поворката што од 12:00 часот ќе тргне од Музејот на Град Скопје кон Божикната пештера на Плоштад „Македонија“, ќе биде изведена Божикната авантура – голема музичко-сценска изведба со учество на повеќе од 40 актери, музичари, пејачи.
По изведбата во Скопје, мјузиклот ќе биде прикажан и во Кочани, каде што потребата од надеж, поддршка и светлина е особено силна.
Здружението „Бадникови поворки“ ги повика сите заинтересирани граѓани и медиуми редовно да ги следат информациите што секојдневно ќе бидат споделувани на официјалните профили на Здружението на социјалните мрежи и веб-страницата www.badnikovipovorki.mk
Македонија
По случајот со починатото новороденче на ГАК, Комисијата за стручен надзор констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол
Комисијата за стручен надзор за случајот со починатото новороденче на ГАК констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол, соопшти Министерството за здравство.
По извршениот надзор за случајот со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија, Комисијата за стручен надзор има донесено заклучоци, соопштија од таму.
„Врз основа на целокупната медицинска документација, исказите на медицинскиот персонал и обдукцискиот наод, Комисијата за стручен надзор заклучи дека се работи за предвремено новороденче, со тешка конатална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција поради незрелото белодробие и инфламаторен процес во рамки на инфекција, со наод на спонтан, парцијален пнеумоторакс, радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето.
Поради тежината на состојбата и посочените ризици новороденчето е поставено на механичка вентилација четири часа по раѓањето и поради конатална инфекција веднаш е поставено на антибиотска терапија.
Во текот на лекувањето е индицирана промена на антибиотската терапија со оглед на лабораториските наоди во прилог на септична состојба .
Поради влошување на состојбата било индицирано реинтубирање од дежурен лекар поради појава на масивен десностран пнеумоторакс, итно е поставен торакален дрен и уредно е спроведена реанимациска постапка по протокол“.

