Македонија
Здружението на лекарите специјализанти: Задоволни сме од менувањето на лихварските договори за специјализирање
Здружението на лекарите специјализанти – ЗЛС ja поздравува измената во Законот за здравствената заштита, која се однесува на, како што велат, менување на лихварските договори со поповoлни и покоректни услови за специјализирање.
„ЗЛС изминативе години гласно се бореше за позитивни промени на здравствените политики и подобрување на статусот на специјализантите, а сè со една конечна цел – ублажување на одливот на лекарите од земјава. Во пресрет на распишаниот конкурс за државни специјализации, изразуваме задоволство што министерот за здравство и пратениците во Комисијата за здравство во Собранието на РСМ ја согледаа реалната тежина на проблемот, ја сфатија ургентноста на ситуацијата и потполно соработуваа за негово решавање“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека ЗЛС исклучиво со граѓански активизам успеа да постави во преден план и да реши неколку приоритетни прашања што ги засегаа специјализантите, како што се платите на приватните специјализанти, укинување на интермедијалниот испит и видеоснимањето, а сега и менувањето на лихварските договори.
„ЗЛС ќе продолжи и понатаму активно да ги застапува интересите на специјализантите до конечно остварување на своите цели и мисија. Следни приоритетни активности се обезбедување исплата за дежурствата, обезбедување придонеси за приватните специјализати, трансформација на кофинансираните специјализанти, подобрување на квалитетот на едукацијата, соодветно вреднување на докторската работа и активно учество во креирање на новата здравствената легислатива“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

