Македонија
„Зелен хуман град“: Град Скопја мора навремено да ги објавува решенијата за интервенција врз зеленилото
Град Скопја мора навремено да ги објавува решенијата за интервенција врз зеленилото, реагираат од иницијативата „Зелен хуман град“ откако биле контактирани од жители во зградите во близина на ТЦ Мавровка дека ЈП Паркови и зеленило Скопје во раните утрински часови денес, во неработен ден, на државен празник, со обемна механизација кастрат и се отстрануваат повеќедецениски дрвја.

Според сателитски слики направени оваа година, велат од здружението, дрвјата изгледаат здрави и зелени, малку од зеленилото останато околу ТЦ Мавровка.

„Советниците на Зелен хуман град во Град Скопје веќе цела година инсистираат дека за секоја интервенција врз зеленило (а не само за садење) мора јавноста не само да се информира, туку да ѝ се даде доволно време да реагира и да ги обжали решенијата за отстранување зеленило кои ги смета за неосновани. Самата правна поука на крајот од секое решение за интервенција врз зеленило дава 15 дена рок за поднесување жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање. Како може да се жали некој што не е информиран?!“, велат од „Зелен хуман храд“.
Тие исто така во континуитет бараат буџетски средства да се алоцираат за доработка и активирање на Зелениот катастар во Скопје, преку кој ќе може да се следи здравјето на севкупното зеленило во градот. Со таква платформа, сметаат активистите, изговорите за болни/суви дрвја ќе бидат многу лесно разобличувани. Доколку оваа практика на сечење, кастрење и преместување на дрвја во градот без граѓаните да се инволвирани продолжи, Зелен хуман град најавува радикализација на напорите за заштита на нашето зеленило, колку и малку да остана од него.
„Штом ги добивме дојавите за случајот се обративме до Град Скопје и поднесовме барање да ни се достави целокупната документација за предметот – почнувајќи од поднесеното барање завршувајќи со решението за кастрењето и отстранувањето на дрвјата. Се обративме до Општина Чаир и побаравме да ни го достави важечкиот ДУП за да видиме каква е намената на конкретната парцела 8891/16 и дали нејзиното поплочување е законско. На својата страница од урбанистичко-планска документација Општина Чаир има објавено само еден урбанистички проект и толку! Штом ги добиеме информациите, веднаш ќе ги споделиме со јавноста“, додаваат активистите на Граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

