Македонија
(Фото) Злато, сребро, лаптопи, велосипеди и друга стока запленети од Царинската управа при откриени обиди за шверцување
Царински службеници на граничен премин Богородица спречија обид за криумчарење на сребрен накит во вредност од 430.880 денари. Сребрениот накит е запленет, а до едно лице е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело криумчарење, извести Царинската управа.

Имено лицето во вечерните часови пред полноќ, на влез на граничниот премин се пријавил со туѓ автомобил за што имал одобрение за управување. Поради сомневање селектиран е за детална контрола, при што во фабричките празнини зад предните бришачи, како и во фабричката празнина зад фиоката пред совозачкото седиште пронајдени се 387 парчиња нараквици, 134 пара обетки и 759 ланчиња. Случајот е предаден во Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги од каде е поднесена кривична пријава.

Царински службеници на граничен премин Дојран спречија обид за нелегален внес на девизи, при што запленети се 9.250 евра. Имено при контрола на автомобил со странски регистарски таблички управуван од грчки државјанин царинските службеници пронашле 19.250 евра, при што согласно Законот за девизно работење му се вратени 10 илјади евра, а останатите се запленети.
На граничен премин Табановце во изминатиот период беа спречени обиди за криумчарење злато, лаптопи како и друга вредна стока:

Странска државјанка се обидела со изнајмен автомобил во кој патувала како сопатник да шверцува златен накит вреден 600 илјади денари. Во обидот е спречена од царинските службеници, кои при контрола на автомобилот во чантата во нејзина сопственост пронајдоа разновиден златен накит со тежина од 200 грама. Станува збор за една круна, ланче со три монети, ланче со седум монети, две ланчиња со пет монети, ланче со единаесет монети и две нараквици. Против неа е поднесена кривична пријава.
Царинската служба за мобилен скенер на влез во државата на граничен премин Табановце, заплени 284 парчиња облека, откако истите ги пронајде при контрола на камион со бугарски регистарски таблички. Случајот е откриен откако при скенирање на камионот со мобилен скенер е утврдено дека во камионот има неправилности, по што е направена физичка контрола и се пронајдени непријавените парчиња облека.

Во друг случај на царинска испостава Табановце мобилен царински тим заплени и 1.500 пара чорапи со потписот на „Најк“ откако истите ги пронајде при контрола на камион пријавен за транзит. При контрола на камионот е утврдено дека покрај останатата стока која била уредно декларирана има и стока која воопшто не била опфатена со царинските документи.

Струмичанец се обидел да криумчари во државата 6 употребувани велосипеди, 13 употребувани лаптопи, 2 компјутери за мотор и 30 крстачи за кардан. Во обидот е спречен од мобилен царински тим кој при контрола на комбето со кое управувал ја откри непријавената стока. Имено на прашање на царински инспектор дали има нешто да пријави лицето одговорило дека има скара, скала, агрегат, прскалка, при што поради сомневање е селектиран за контрола и во четири вреќи и патни торби се пронајдени непријавените производи.
Скопјанец се обидел преку граничен премин Табановце во државата да шверцува 180 парчиња различни шминки, над 40 парчиња женски шорцеви, како и разна друга стока. Во намерата го открија царинските службеници кои поради сомневање го селектираа за детална контрола при што во патничкото комбе со кое управувал се пронајдени непријавените производи за кои требал да плати давачки, соопшти Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

