Македонија
ЗНМ ги осуди заканите кон новинарката Мери Јордановска
Здружението на новинарите на Македонија ги осудува вербалните закани изречени од страна на застапникот на менаџментот на телевизијата „1ТВ“, Бојан Јовановски, врз новинарката на „Макфакс“, Мери Јордановска.
Менаџерот Јовановски, кој е син на доминантниот сопственик на „1ТВ“, во својот напис на социјалните мрежи директно ја прозва Јордановска поради нејзини изречени критики за емисијата „Инсајдер“, која се емитуваше на оваа телевизија. Од ЗНМ велат дека Јовановски преку своите објави се обидува да изврши притисок врз новинарката со тоа што јавно ја прозива да провери дали сопственикот на медиумот каде што таа работи преговара со „1ТВ“ за соработка.
ЗНМ на овие реакции гледа како на закани за работното место на новинарката и обид да влијае врз нејзиното известување, но и нејзината критична опсервација на објавени медиумски содржини.
„Потсетуваме дека Законот за медиумите, во членот 11, му дава право на новинарот да го изнесе својот став и мислење за работата на тој медиум доколку не се придржува кон професионалните правила на новинарската професија утврдени од страна на професионалните организации на новинари и тоа во медиумот каде што новинарот е ангажиран, а не, пак, за став кон работата на други медиуми“, велат од ЗНМ.
Здружението додава дека менаџментот и уредувачката политика се одвоени во согласност со домашните и европските пракси и регулативи, а ваквите изјави од страна на лица со менаџерска функција во медиуми, кои се блиски до сопствениците на тие медиуми, може да влијаат негативно врз и онака кревката состојба на слободата на изразување и независноста на медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

