Македонија
ЗНМ го повикува градоначалникот Мерко да се извини на новинарите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува јавните дисквалификации како и, како што се наведува, непримерниот однос на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, кон новинар од телевизијата „Алсат М“ од Охрид.
„На прес – конференција која се одржа на 8 јули градоначалникот Мерко наместо да одговори на новинарските прашања поврзани со обвинувања од опозицијата а претходно и прашања околу изградбата на објекти кај автокампот Ливадиште, повторно вербално ги нападна новинарите. Тој го обвини нашиот колега дека работел за опозицијата со зборовите: ‘Знам дека и ти си Алијанса и твоето прашање не оди тука’ откако претходно му беше поставено новинарско прашање“, појаснуваат од ЗНМ.
Од таму наведуваат дека ова е втор јавен инцидент со новинари на градоначалникот Мерко за помалку од месец земајќи предвид дека неодамна колешка од телевизија „Алфа“ грубо ја навредил на прес-конференција на која повторно се поставувале прашања за градби на брегот на Охридското езеро во струшкиот регион.
„ЗНМ за константниот недоличен однос на градоначалникот Мерко кон новинарите ќе ја извести меѓународната заедница и ќе побара од локалните новинари да не ги проследуваат прес конференциите во организација на општина Струга доколку тој не се извини за својот однос кон нашите колеги. Потсетуваме дека градоначалниците се избрани функционери кои се платени од страна на граѓаните и тие имаат обврска да негуваат професионален однос кон новинарите и медиумските работници со цел да даваат отчет за својата работа и во ниту еден случај лична пресметка на јавни настани не може да биде оправдана“, велат од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.