Македонија
ЗНМ: Новинарите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање паника

Здружението на новинарите на Македонија се придружува на повикот на Европската федерација на новинари (ЕФН) во апелот до медиумите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста при известувањето за коронавирусот.
„Новинарите и медиумите имаат одговорност да се придржуваат до етичките правила при своето работење и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника во јавноста. Тие имаат обврска да отстапат простор на експертите кои се квалификувани да коментираат за ваквите чувствителни прашања. Овој период треба да се избегнува користењето на вокабулар што предизвикува страв кај граѓаните и може да создаде паника што не одговара на реалноста. Освен тоа, новинарите треба да бидат особено внимателни и за приватноста на засегнатите лица. За таа цел апелираме до јавните власти и медицинските институции да обезбедат навремени и транспарентни информации, така што новинарите и јавноста ќе имаат пристап до сите релевантни информации“, велат од ЗНМ.
ЕФН посочува дека новинарите имаат обврска да објавуваат точни податоци од официјални извори како што се оние од Светската здравствена организација и истите да бидат во согласност со етичкиот кодекс на новинарите.
ЗНМ им порачува на граѓаните да внимаваат од кои медиуми се информираат за овие теми и предност да дадат на медиумите кои се дел од регистарот на професионални онлајн медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.