Македонија
ЗНМ, ССНМ и СЕММ: За јавни наративи што стимулираат омраза и агресија, мора да има одговорност
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудија говорот со кој се поттикнува насилство и стимулира родова дискриминација кој деновиве се појави на канал на „јутјуб“ платформата.
„Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира“ се вели во заедничкото соопштение.
Оттаму укажуваат дека „професионалните еснафски организации никогаш нема да прифатат ваков начин на комуникација во јавниот простор. Без оглед на тоа што лицата, во конкретниов случај, ниту биле, ниту се наши членови, чувствуваме потреба да предупредиме дека ова може да остави сериозни последици на јавноста, посебно на младата публика. Говорот на омраза како и говорот што поттикнува насилство и креира предрасуди не е и не смее да биде нормален во јавната комуникација“.
„Во вакви ситуации нужно е надлежните институции да преземат итни мерки со цел да покаже дека не се толерира неказнивност при груба злоупотреба на јавниот говор во интернет просторот. Оттука, ја поздравуваме брзата и транспарентна реакција на МВР и Обвинителството и очекуваме во најбрз рок да има судска постапка со која ќе се покаже дека ваков тип на злоупотреби подлежат на санкции. Освен ова, укажуваме дека одговорноста за тоа кој и каква содржина за публиката креира ја имаат компаниите кои преку платена реклама своите производи ги промовираат на вакви платформи. Рекламерите треба да знаат дека имаат општествена одговорност и дека свесно поддржување на вакви содржини ги прави соучесници во промоција на искривени вредности во нарушувањето на граѓанските права. Затоа потребно е тие јавно да се оградат од ваквиот јавен наратив, да ја преиспитаат својата соработка и во иднина да внимаваат каде се рекламираат“ стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

