Македонија
ЗНМ, ССНМ, СЕММ се залагаат за медиумски интегритет: коментар на вчерашната епизода од „Само вистина“
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагираат на настаните што се случија вчера на директниот пренос на „Само вистина“ на ТВ „Канал 5“, каде што во улога на гостин беа Исмет Рамадани, поранешен пратеник и актуелен советник на претседателот на Владата, и новинарот Горан Момировски, а уредник на емисијата беше Александар Видиновски.
„Со нашата реакција сакаме да ја истакнеме важноста од потребата за одржување на новинарските стандарди, обезбедување дискурс со почитување и заштита на уредувачката независност“, велат ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
„Во општество во кое телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката. Тоа не беше случај во еден дел на дебатата, но модераторот Видиновски направи напор да ја деескалира ситуацијата и да го одржи стандардот со професионализам и смиреност, што се бара од медиумските практичари. Сепак, инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на „Канал 5“, Иван Мирчевски, интервенира во живо со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото.
ЗНМ, ССНМ, СЕММ изразуваат сериозна загриженост во врска со оваа интервенција бидејќи директно го нарушува принципот на уредувачка независност, што е камен-темелник на независното новинарство. Дејствата од ваква природа може да ѝ наштетат на независноста на медиумот и да ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во медиумите, генерално.
Категорично ги осудуваме сите дејства, кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите, а дополнително ја нагласуваме важноста од зачувување на овој принцип за одржување на кредибилитетот на новинарството во Македонија. Коментарите на Рамадани кон водителот Видиновски, кои во одреден дел од дебатата беа конфронтирачки, не смее да бидат оправдување за таков тип на интервенции.
Во контекст на вчерашните настани, ги повикуваме сите медиумски професионалци, јавни личности и учесници во јавните дебати да придонесат позитивно и со почит кон јавниот говор поддржувајќи ги принципите на почитувана комуникација и уредувачка независност“, се наведува во соопштението на ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вејце ниту се простува, ниту се заборава“ – Македонците паметат! Горат социјалните мрежи на годишнината од крвавиот масакр
Социјалните мрежи се преплавени со објави по повод 23-годишнината од масакрот кај Вејце, откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Ова се само дел од објавите на ФБ.
Македонија
23 години од масакрот кај Вејце кога беа ѕверски убиени, а потоа запалени 8 македонски херои: Стојанче Ангелов положи цвеќе и запали свеќи
Денеска се одбележуваат 23 години од масакрот кај Вејце — најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија.
Масакрот се случи на денешен ден, 28 април 2001 година, во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Иако нападнати од заседа, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија!
Делегација на Достоинство утрово положи букет свежо цвеќе и запали осум свеќи во чест и помен на осумтемина загинати бранители убиени во крвавата заседа кај с.Вејце. Фотографии објави генералот Стојанче Ангелов.
Македонија
Остануваат уште 9 дена изборна кампања: партиските агенди и денеска набиени
Уште 9 дена изборна кампања. И денеска лидерите на партиите, заедно со носителите на листи, како и кандидатите за претседател, ќе ги презентираат своите изборни програми.
Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска ќе оствари средба со жителите на село Велебрдо и со жителите на општина Маврово.
Гордана Силјановска Давкова, исто така, ќе има средби со граѓани, додека коалицијата што ја поддржува предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира програмата за парламентарните избори пред граѓаните во Могила, Ресен, Демир Хисар и Битола.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид.
Во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, ќе се сретне со граѓаните на Струга и Дебар, а претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, дел од Коалицијата „Вреди“ во рамките на изборните активности ќе даде изјава за медиумите во 12 часот во близина на „Веро“ во Чаир.