Македонија
Зоран Спасов – Ѕоф подари библиотека на Детската клиника: „Соба на бајките“ е отворена со парите од продажбата на „Цепај сине“
Со цел да им го олеснат периодот на лекување на најмладите во Детската клиника – Скопје и да им влеат надеж и радост во претпразничниот период, авторот Зоран Спасов-Ѕоф и издавачката куќа „Арс Ламина“ донираа библиотека. Новото книжевно катче наречено „Соба на бајките“ е сместено на вториот кат на Детската клиника.
Визуелно е збогатено со илустрациите од книгата со најубавите бајки на сите времиња „Си беше еднаш“ (издание на „Арс Ламина“), која е со илустрации на Наталија Лукомска. Оваа книга, заедно со уште 100 други книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик се најдоа на полиците на библиотеката наменети за сите дечиња што престојуваат во Клиниката.
Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на хит-книгата на Ѕоф „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, која беше објавена минатата година.

Библиотеката е украсена со илустрации од книгата со најубави бајки на сите времиња „Си беше еднаш“, издание на „Арс Ламина“
Директорот на Клиниката д-р Реџеп Мемеди, во негово име, но и во името на сите вработени и пациенти, им изрази благодарност на „Арс Ламина“ и на Зоран Спасов-Ѕоф за хуманиот гест и за покажаната висока општествена свест.
„Ова е уште еден голем гест на хуманост. Библиотеката ‘Соба на бајките’ е опремена со повеќе изданија на детска литература приспособена на возраста на децата кои се лекуваат на нашата клиника. Се надеваме дека сликовниците, лектирите со детска литература ќе го облагородат и олеснат секојдневието на нашите пациенти за време на нивниот престој на клиниката“, рече директорот Мемеди.

„Соба на бајките“ е направена и опремена со пари од продажбата на хит-книгата на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, објавена минатата година
Со оваа донација Зоран Спасов-Ѕоф и „Арс Ламина“ ја продолжуваат заедничката мисија да им помогнат на најранливите категории, особено на децата.
„Книгите имаат неверојатна моќ да лекуваат, да подигнуваат и да нè пренесат во различни светови, дури и во најтешките моменти. Се надевам дека децата кои ќе поминуваат време во ‘Соба на бајките’, во неа ќе најдат радост, утеха и инспирација за време на периодот на оздравување. Заедно со ‘Арс Ламина’, горди сме што придонесуваме за создавање на овој простор исполнет со приказни кои ќе им ја дадат сила и оптимизам што им се потребни за посветли денови“, вели авторот и филантроп Зоран Спасов-Ѕоф, кој средствата од сите свои книги ги донира таму каде што е најпотребно.
Тој најавува дека и сумата од продажбата на неговата најнова книга „И јас сум Сирма“, која беше објавена минатиот месец, ќе ја намени во хумани цели.

Повеќе од 100 книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик се најдоа на полиците на библиотеката
На ова се надоврзува и Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“, подвлекувајќи дека секое дете има право да има достап до книги и едукативни изданија.
„Нашата цел во ‘Арс Ламина’ е да им овозможиме на сите деца да имаат пристап до квалитетна литература. Со оваа донација ја продолжуваме нашата заложба да им помогнеме на најранливите категории, особено на децата. Му благодариме на Зоран Спасов-Ѕоф, со кој ја делиме општествената одговорност за помош таму каде што е најнеопходно и заеднички да придонесеме во создавањето на оваа прекрасна библиотека ‘Соба на бајките’ во Детската клиника – Скопје. Веруваме дека со оваа библиотека ќе им дадеме извор на надеж во текот на нивниот период на лекување. Се надеваме дека овие книги не само што ќе им понудат моментално растоварување, туку и ќе ги инспирираат да ја покажат својата сила, отпорност и волја. Верувам дека ‘Соба на бајките’ ќе раскаже една нова, поведра приказна во животот на сите дечиња“, рече Бугариска.

Новото книжевно катче наречено „Соба на бајките“ е сместено на вториот кат на Детската клиника
Ова е втора библиотека што „Арс Ламина“ ја донира во Детската клиника, имено, пред неколку години ја обезбеди библиотеката во Дневниот центар „Собата на Жозеф“ – специјализираната просторија за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести, која беше опремена по иницијатива на Здружението за борба против рак „БОРКА – За секој нов ден“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

