Македонија
Ивановска: Не може уставните судии со деловник да си го зголемат надоместокот на плата
Државната комисија за спречување на корупцијата изрази сомнеж за додатоците на плата за уставните судии, кои самите си ги изгласале со промена на Деловникот.
Претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не може со Деловникот за работа на Уставниот суд судиите да си го зголемат надоместокот на плата.
„Факт е дека тие работат по Деловникот од 1991 година, кој е застарен. Уставниот суд неодамна го променил Деловникот, зел одредба од законите што ги третираат тие права, но факт е и дека во Уставот стои оти со Деловникот се уредува начинот на постапување со нивните предмети, а не правата за посебен додаток. Не може нешто да се уредува со деловник ако тоа што треба да се уреди, треба да биде со закон“, изјави Ивановска.
Додаде дека комисијата ќе заседава за оваа одлука на уставните судии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: После повеќе од 60 години Охридскиот аеродром е легализиран
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека аеродрoмот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран.
„На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава вест дека охридскиот аеродром кој оперира уште од 1970-тите години конечно е легализиран!
Изминатава година тим од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ, заедно со Катастар, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други владини институции посветено работеше конечно да се впише Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во катастар и конечно овој стратешки објект да добие имотен лист.
Во нормални услови ова воопшто не би било вест, но после толку години негрижа и запоставување на државниот капитал сметам дека е важно да се запознае јавноста.
Во следниот период ќе работиме на модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром со цел да привлечеме нови туристи“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Зајкова: Во новата година посакувам храброст, достоинство и правда за држава со вредности, а не само со процедури
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи на македонските граѓани во новата година им посака храброст, достоинство и правда, за да имаме држава со вредности, а не само со процедури.
„Драги пријатели, сограѓани, зад нас оставаме година во која корупцијата не беше само вест, туку сурова реалност која во Кочани чинеше животи. Гледавме како реформите стануваат козметика, а законите се менуваат побрзо од календарот. Додека институциите брзаа со ‘итни’ и ‘скратени’ постапки, вистинското подобрување на животот на граѓаните остана во чекалната. Администрацијата е изгубена во хаос поради брзи неусогласени закони, судството во лажни ветувања, а довербата – е во колективна амнезија“, пишува Зајкова во својата објава.
„Во 2026 година, посакувам: храброст – да не се навикнуваме на ненормалното; достоинство – да не бидеме само бројка во нечиј експеримент и правда – која не се купува и не се договара во 5 до 12. Нека новата година не биде уште една ‘скратена постапка’. Заслужуваме држава со вредности, а не само со процедури“, додава Зајкова.
„Среќна и борбена Нова 2026 година! Да ве служи сите добро здравје, среќа и да… со Македонија да се гордееме на Светското првенство во фудбал“, завршува Зајкова во својата честитка до граѓаните.
Македонија
Коњановски: Заеднички да ја дочекаме Новата година кај Офицерскиот дом
На неколку часа сме пред Новата година, a старата за момент ни донесе ново новогодишно зимко руво. Снегот кој го имавме во текот на ноќта беше вистински украс на преубавата предновогодишна Битола. Ќе биде ладно, но топло во нашите срца, порача битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
„Време е заедно да одбројуваме и да ја дочекаме новата година. А има ли поубаво место од епицентарот на забавата-платото пред величествениот Офицерски дом. Денов изминува со детска програма за нашите најмлади и убава дружба со музичката програма во Старата чаршија.
Ве поканувам вечерва заедно да празнуваме, да се веселиме, да се дружиме
на главната сцена.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом започнува во 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“. Оттаму ќе ги испратиме планинарите и љубителите на планината кои
традиционално и годинава ќе бидат први на први на врвот „Пелистер“. Да бидеме заедно, обединети, во новогодишно заедништво“.

