Македонија
Иванов на Универзитетот „Улудаг“: Македонскиот модел на интеграција без асимилација е модел на иднината
Македонскиот модел на интеграција без асимилација е модел на иднинатa бидејќи во својата основа подразбира почитување на различноста, истакна претседателот Иванов во своето предавање на Универзитетот „Улудаг“ во Бурса.
„Ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој наш заеднички модел кој подразбира уживање на правата, но и почитување и споделување на обврските и одговорностите што произлегуваат од уставниот поредок“, истакна претседателот Иванов потенцирајќи дека ваквиот модел Македонија не сака себично да го чува за себе, туку да го споделува со светот, што, според него, е особено важно денес.
„Македонскиот модел на соживот создавал луѓе со отворен ум кои ја прифаќаат и ја почитуваат различноста. Луѓе како Мајка Тереза, која е родена во 1910 година во Скопје, во Македонија. Во радиус, не повеќе од 100 метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Мајка Тереза стана синоним за човек што го живее единството во различноста“, рече Иванов.
Соживотот, нагласи македонскиот претседател, бил присутен и во борбата на македонскиот народ за слобода и независност. Сите апели, повици, манифести и декларации ја нагласуваат почитта кон различноста. Според претседателот Иванов, Република Македонија го има вградено и го има унапредено ова искуство во својот инклузивен демократски модел на интеграција без асимилација.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е посветена на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог. „Во 2003 година го иницираме првиот форум на дијалогот меѓу цивилизациите и сме активни учесници во алијансата на цивилизациите на Обединетите нации, што беше формирана во 2005 година на иницијатива на владите на Шпанија и Турција. Својата посветеност Македонија дополнително ја потврди како домаќин на четирите светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог“, рече македонскиот претседател.
Според него, за некои држави на Балканот, во Европа, македонскиот демократски модел на соживот сè уште претставува предизвик. Но, едно е јасно, рече претседателот Иванов, нашиот модел втемелен врз позитивните искуства од минатото е воедно и модел на иднината.
„Ако во минатото сме можеле да живееме и да напредуваме заедно, можеме и мораме да се обидеме тоа да го постигнеме и во иднината. Разликата во отворениот и затворениот простор е во комуникацијата и интеграцијата. Честопати велам дека оној што комуницира, тој се интегрира, а оној што не комуницира, се гетоизира и измислува непријатели“, нагласи македонскиот претседател во своето предавање на Универзитетот „Улудаг“ во Бурса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
После Албанија и Косово, следна дестинација на мигранти е Македонија, велат од СДСМ
Не се само британските медиуми, многу светски медиуми имаат објавено анализи и информации од планот за „центри за враќање на мигранти“ од Британија и други земји на Балканот, истакнуваат од СДСМ.
„Косово стана првата земја која прифати одбиените мигранти од Британија. Албанија исто така се согласи за изградба на прифатни центри за мигранти но од Италија.
Пред 5 дена, „Дојче Веле“ објави дека 40 мигранти веќе беа донесени со воен брод во центрите во Албанија. Ете колку бргу се развиваат работите. „Мигрантите, треба да останат во камп во Албанија сè додека не бидат депортирани.“ пишува во текстот на Дојде Веле.
Британските медуими пак пренесоа дека Владата на Мицкоски и ДПМНЕ разговара за мигранти од Британија во Македонија. Британците известуваат дека е договорено по 20.000 фунти по мигрант, нивно вклучување на пазарот на труд, особено во градежништвото, како и долгорочно населување во нашата држава. Ова е вистината! Дали светските медиумите лажат? Дали СДСМ лаже?
Кој лаже? Власта на Мицкоски“, додаваат од опозициската партија.
Владата, како што оценуваат од партијата на Филипче, нема пари, веќе недостасува 1 милијарда евра, очигледно, велат, сакаат да земат кредит од 6 милијарди евра а за возврат да донесат мигранти.
„Граѓаните се против овие антинационални и андржавни политики на ДПМНЕ и велат Не за мигранти , Не за загрозување на безбедноста на државата“.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)

