Македонија
Иванов: Новите политичари треба да работат како раководствата на модерните мегалополиси
За дигиталната трансформација да ја исполни својата цел, политиката треба да се приспособи на новите очекувања на луѓето, во новите глобални услови, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на претседателската сесија на 21. евроазиски економски форум во Истанбул на тема: „Дилема на нашиот век: технологија наспроти политика“. Тој истакна дека луѓето сè уште имаат желба за слобода исто толку колку што имаат потреба за безбедност.
„Новите политичари треба да нудат брзи и креативни решенија. А инспирација и пример може да им бидат лидерите што управуваат со мегалополисите. Наивно е да се очекува дека дигитализацијата ќе даде одговор на сите предизвици“, посочи македонскиот претседател додавајќи дека како и секоја човекова творба, така и дигиталната трансформација подлежи на законот на непланирани последици бидејќи нештата може да тргнат наопаку.
Македонскиот претседател портенцира дека искуствата од раководењето со еден Истанбул, еден Њујорк и еден Хонг Конг во 21 и 22 век стануваат поважни за иднината на раководењето со глобализираниот диверзитет отколку искуствата со националната држава на 19 и 20 век.
„Можеби е време политиката, која се роди во полисот, сега да се врати во мегалополисот“, рече Иванов. Тој истакна дека дигиталната етеризација на нашата цивилизација доведе до детериторизација, дерегулација и десуверенизација на државите.
„Наспроти вертикалната хиерархија на државата, сè поизразено е хоризонталното вмрежување на општеството. Дигиталната трансформација им ја одзема позицијата на државите и на сцена повторно ги враќа градовите бидејќи реалниот живот е на локално ниво“, рече во обраќањето претседателот Иванов додавајќи дека денеска постојат сè повеќе нетериторијални творби кои територијалната држава, едноставно, не може да ги контролира.
Зборувајќи за потребите за адаптација на државите на новите процеси и дигитализација на административните услуги, Иванов потенцира дека со проектот „Регулаторна гилотина“ во Република Македонија се намалени бирократијата и регулаторниот товар врз фирмите, а е-катастарот на недвижности покрива 99 отсто од територијата на нашата држава.
„Некои држави одат и чекор понатаму и сакаат да се трансформираат во стартап-нација, која од универзитетите ќе очекува да создаваат кадри за потребите на стартап-економијата. Преку инкубатори и акселератори ќе се препознаваат и поддржуваат новите идеи од студентите додека студираат и со државни гаранции ќе се поттикнува приватниот капитал да ги поддржува во нивната реализација. Република Македонија има Фонд за иновации и технолошки развој, преку кој се обезбедуваат средства за поддршка на иновациската дејност“, истакна претседателот Иванов во обраќањето на самитот.
Говорејќи за дигиталната трансформација, македонскиот претседател се осврна и на предизвиците од користење на социјалните мрежи.
„Очекуваме социјалните мрежи да ни донесат поголема слобода во изразувањето. Со еден твит го споделувате вашиот став со целата планета. Но, истовремено, давајќи ни слобода на изразување, социјалните мрежи ни го одзедоа слободното време за промислување, технологијата ни донесе олеснет пристап до дигитални услуги, трансфери и преноси. Но, цената за оваа неподнослива леснотија ја плаќаме со приватноста“, подвлече Иванов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.
Македонија
Митева: Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ e класичен пример на политичка дезориентација
Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентацијаи дефокус од суштинските прашања вели портпаролката на Владата, Марија Митева, по обвинувањата на Андреј Жерновски од СДСМ дека таа признала дека Мицкоски управува во судството.
„Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла“, напиша Митева на социјалните мрежи.
Таа вели дека секогаш стои на кажаното и дека фактите зборуваат дека станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано.
„Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста. За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет. Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Наместо да фабрикуваат конструкции, нека одговорат каде води случајот со 40 тони марихуана, кој сè бил вклучен. И уште низа други одговори за криминал и корупција кои како печурки после дожд секојдневно излегуваат. Јавноста заслужува одговори, а не политички театар“, вели Митева.
Според неа, нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши.
„Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали. Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти. Политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги“, вели Митева.

