Македонија
Иванов: Овој Велигден е посебен бидејќи го празнуваме во пресрет на посетата на Папата
Претседателот Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и eпископ струмичко-скопски, Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
„На овој голем ден се потсетуваме на едно нешто. А тоа е дека иако самиот безгрешен и бесценет Господ Исус Христос, Синот Божји, со својата физичка смрт на крстот ја плати највисоката можна цена за да нè ослободи од заслужените последици на нашите грешки и промашувања. Со своето физичко воскресение, Тој го отвори патот и за наше воскресение во вечен живот.
Не постои појасна порака за Божјата љубов и милост кон човештвото од Велигден. Со векови и милениуми оваа порака им помагала на христијаните во Македонија да ги издржат и најстрашните прогонства, да им одолеат и на најсилните искушенија и да ги пребродат и најголемите премрежија. Но, овој Велигден за нас е посебен бидејќи го празнуваме во пресрет на посетата на Неговата Светост Папата Франциск на Република Македонија. Во време на длабока морална криза и отсуство на доверба, во нашата земја ќе дојде еден од најголемите живи духовни авторитети во светот. Ќе дојде за да прати порака на простување, помирување и сплотување. Затоа, длабоко верувам дека посетата на Папата Франциск е еден многу важен поттик за духовна обнова на Македонија и македонскиот народ и македонските граѓани.
Иако бројно мала, Католичката црква во Република Македонија дава несразмерно голем придонес кон духовниот живот и соживот во македонското мултирелигиско, мултиетничко и мултијазично општество. Св. Мајка Тереза е само еден пример за таквиот придонес. Во оваа прилика, на овој Велигден, сакам да ги повикам сите луѓе со чисти срца и со добра волја, независно од тоа дали припаѓаат на католичката, православната или протестантската гранка на христијанството, или пак на сосема друга верска или идеолошка традиција, да се вклучат во овој потфат за духовна обнова на Македонија во која ќе се почитува достоинството на секој човек. Бидејќи, веруваме дека секој човек е скапоцен во очите на Бог“, вели Иванов во честитката и нагласува дека ова е неговата последна велигденска честитка до верниците од Католичката црква за време на неговиот претседателски мандат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

