Македонија
Иванов од Париз: Инвестирањето во идните лидери треба да стане нова мода
Претседателот Ѓорге Иванов во синоќешното обраќање на Парискиот мировен форум зборуваше за Школата за млади лидери, што се организира девет години по негова иницијатива, истакнувајќи дека таа може да се користи како модел за промена на доминантната образовна парадигма, која треба да биде ориентирана кон решенија.
Тој рече дека со оваа Школа е создаден препознатлив модел што инспирира и други актуелни и поранешни шефови на држави да почнат свои лидерски школи.
„Мојата порака до вас, лидерите на денешницата, е: Не гледајте до следните избори, туку до следните генерации. Инвестирањето во идните лидери треба да стане нова мода, нов тренд. За вакви идеи не треба да се бараат авторски права. Ова е многу потребно во секое општество“, рече претседателот Иванов.
Во своето обраќање на Парискиот мировен форум, претседателот Иванов рече дека досега на Школата за млади лидери учествувале над 350 млади луѓе од Македонија и светот, кои биле обучувани од над 200 врвни лидери од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.

Многубројни млади лидери од претходните генерации, рече претседателот Иванов, веќе почнаа да заземаат одговорни лидерски позиции во разни општествени сфери и да стануваат позитивен пример за другите. Тоа, според претседателот Иванов, се млади луѓе што своите погледи ги насочуваат кон иднината, кои размислуваат за иднината и кои сакаат да ја достигнат иднината не само за себе туку за што повеќе луѓе во општеството.
„Благодарение на сево ова, Светскиот форум на бизнис-ангели ја прогласи Школата за млади лидери за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година“, рече претседателот Иванов и додаде дека реализацијата на проектот е целосно финансирана од приватниот сектор од Република Македонија, но и од глобалните брендови.
Иванов, по покана на францускиот претседател Макрон, вчера присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, што се одржа пред Триумфалната капија во Париз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров поднесе оставка
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, поднесе оставка поради лошите резултати на локалните избори. Според него, оставка треба да поднесат и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на партијата.
„Изборите завршија, време е да се понесе одговорност. Иако се вложив целосно, сепак резултатот е лош. Поднесувам неотповиклива оставка како претседател на општинската организација како чин на објективна и морална одговорност за лошите резултати. Верувам дека е исправно оставка да поднесат и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на СДСМ, не само заради лошите резултати туку и заради начинот на дејствување во изминатиот период“, вели Ацевски.
Тој додава дека СДСМ е преголема идеја за да остане непрепознатлива.
„СДСМ мора да биде силна опозиција и силен коректор на оваа лоша власт. И покрај оставката останувам член на СДСМ за подобро Ѓорче, подобро Скопје и подобра Македонија“, рече Ацевски.
Македонија
Александар Стојкоски го доби уверението за втор мандат како градоначалник на Општина Ѓорче Петров
Општинската изборна комисија денес официјално му го врачи уверението за избор на Александар Стојкоски за градоначалник на општина Ѓорче Петров, со што и формално започна неговиот втор четиригодишен мандат.
Градоначалникот најави уште посилен интензитет на работа, реализација на капитални инвестиции и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Денешното уверение е потврда за довербата што граѓаните на Ѓорче Петров ми ја дадоа, но и обврска да продолжам уште поодговорно, со уште повеќе работа и резултати. Благодарен сум за секоја поддршка, за секој граѓанин што препозна искреност, посветеност и конкретни дела. Ѓорче го менуваме таму каде што никој не се осмелил да работи со години. Во наредниот период, продолжуваме со нови проекти, инвестиции во инфраструктура, образование, спорт и животна средина и се со една цел – Ѓорче Петров да биде најпосакувано место за живеење во Скопје“, изјави Стојкоски.
Тој нагласи дека довербата што ја добил од граѓаните е најсилна потврда дека општината се движи во вистинска насока. Тимот на Општина Ѓорче Петров, како што додаде, ќе продолжи да работи во духот на транспарентност, отчетност и европски стандарди во локалното управување.
Македонија
Во октомври казнети 16.801 возачи, 232 пешаци и 63 возачи на електрични тротинети
Во периодот од 01 до 31 октомври, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 16.801 издадени платни налози, 4.821 прекршок се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 121 лице, од кои 94 за возење под дејство на алкохол, четири поради возење под дејство на дрога и психотропни супстанци или прекурсори, 15 за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, осум за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на месец октомври евидентирани се 4.165 прекршоци за неправилно паркирање, 1.888 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 373 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 111 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 232 пешаци и 63 возачи на електрични тротинети.
Исто така санкционирани се 942 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 480 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 176 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 145 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии), а еден возач поради неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата (флешери).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.

