Македонија
Иванов: Со договорот од Преспа политичари и дипломати ревносно ќе ги цензурираат историските учебници
Со договорот од Преспа академската и образовна дејност ќе ја надгледуваат политичари, дипломати и бирократи, кои ревносно ќе ги цензурираат учебниците што ги пишувате или од кои вие предавате, рече претседателот Ѓорге Иванов обраќајки се пред професори и историчари на свеченото отворање на Првата национална конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“.
Притоа, Иванов посочи дека пред еден милениум Самуиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава.
„Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација и погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја“, порача претседателот на Република Македонија.
Според Иванов, асномска Македонија е фиданка што изникнала од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава.
„Денес, за жал, се прават обиди и на таа фиданка да ѝ се накалеми туѓа гранка. А таа туѓа гранка е договорот од Преспа. Во член 8, точка 5 е предвидено формирање заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Иако тој комитет би требалo да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави. Авторите на текстот на договорот од Преспа, кои и да се тие, покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење на балканските идентитети. Искрено, не знам која од овие две алтернативи е полоша“, рече македонскиот претседател.
Според Иванов, со договорот од Преспа се негира правото на самоопределување, се негира правото на слобода на мислење и изразување, гарантирани со универзалната декларација за човекови права.
„Современата грчка држава инсистира името Македонија да се употребува само за административната област што се наоѓа во нејзините граници. Бирократите во некои меѓународни организации го бришат името Република Македонија и придавката македонски со еднаква ревност како што тоа го правеле византиските хроничари пред 1.000 години“, истакна претседателот.
„Договорот од Преспа има цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределувањето на македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија“, додаде тој.
Иванов, правејќи паралела со денешните случувања, истакна дека една од причините за пропаста на Самуиловата држава била превртливоста на нејзините елити, кои, како што рече, за титули, инсигнии, стипендии и престиж ја менувале страната.
Националната конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“ е во организација на Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија, а под покровителство на претседателот на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Адвокатите на Заев вршеле притисок, предметот „Пуч“ останал неотворен во СЈО
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наместо како независнa институција, функционирало како партиски штаб на СДСМ, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста, повикувајќи се на изјави од поранешната обвинителка Лејла Кадриу.
Според Кадриу, четворица адвокати на Зоран Заев во времето на СЈО вршеле притисок врз обвинители за предметот „Пуч“.
„Во СЈО дошле 4 адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот „Пуч“. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се наведува, предметот потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и фолија, и доделен на обвинителките Ленче Ристоска и Лиле Стефановска, но не бил процесуиран.
„Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, се уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан. Кадриу тврди дека предметот бил префрлан и чуван без суштинска постапка, што отвора сомнежи за неговото реално процесирање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадриу посочува и дека најмалку уште два предмети, меѓу кои случаите поврзани со Гордана Јанкуловска и Нешковски, биле политички мотивирани и користени за постигнување одредени политички цели, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да ги истражи наводите темелно и непристрасно, со цел, како што наведуваат, да се утврди вистината и евентуалната одговорност.
Македонија
СДСМ: Владата сака авион за Мицкоски, но не и 600 евра минимална плата
СДСМ обвини дека Владата ги игнорира барањата за покачување на минималната плата на 600 евра, додека истовремено најавува набавка на нов владин авион.
„Додека над 200.000 работници едвај врзуваат крај со крај, а вредноста на синдикалната кошница одамна надмина 66 илјади денари, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра“, се наведува во партиското соопштение.
Според СДСМ, пратениците од коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат предлог-законот за зголемување на минималната плата и поддршка на компаниите, поднесен од оваа партија. Партијата оценува дека со тоа директно се ускратува финансиска помош за работниците и стопанството.
„Владата сака да купи нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, стои во соопштението, во кое се наведуваат и споредби со луксузите од времето на Никола Груевски, како и со, како што велат, личниот луксуз на актуелниот премиер.
СДСМ истакнува дека ќе продолжи да се бори за „економска правда и враќање на достоинството на граѓаните“.

